Србија денеска го доби новото Собрание по одржаните избори во јуни на кои убедливо победи СНС на Александар Вучиќ. Пратениците положија заклетва на свечената конститутивна седница, но надвор беа дочекани од незадоволните учесници на протестот кои фрлаа со јајца и домати врз зградата на Народното собрание на Србија.

На седницата беа потврдени мандатите на сите 250 пратеници. Најмногу (188) во новиот парламентарен состав ќе има листата „Александар Вучиќ – за нашите деца“, 32 пратеника ќе има Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ, 11 ќе има СПАС на Александар Шапиќ.

Место во новиот српски Парламент обезбедија и четири малцински партии предводени од Сојузот на војводински Унгарци со девет пратеници, Партијата за правда и помирување на Моамер Зукорлиќ доби четири, додека по три мандати освоија СДА Санџак и Албанската демократска алтернатива „Обединета долина“.

Меѓу пратениците и неколку нови, но и познати лица на овие простори. Пратеник преку СНС за првпат стана виолинистот Јован Колунџија, до мандат преку СПС стигна и Јелица Сретеновиќ која луѓето ја паметат по улогата на Кока од популарната ТВ серија „Подобар живот“, како и Јошко Броз, внук на Јосип Броз Тито.