Со скандалозно однесување и погрдни зборови „ороспијо и гомнарко“, поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева ја испрати нејзината колешка Лиле Стефанова по двочасовното сведочење на судењето за „Рекет“. На ваквите зборови Јанева доби опомена од судијката Васка Николовска Масевска која ги повика полицајците таа да биде изнесена од судница. По ова видно вознемирена Катица Јанева поминувајќи покрај новинарите рече: „Дека ѝго возев мачето, затоа ли не ѝ чинам?“. Расплакана и вознемирена Јанева го напушти Кривичниот суд.

На ваквата скандалозна завршница на денешното рочиште претходеше бурното сведочење на Стефанова за случајот „Рекет“, во кој се обвинети Бојан Јовановски и нејзината поранешна шефица Катица Јанева за изнуда на 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев. Стефанова, која го води случајот „Империја“, раскажа низ какви притисоци минувала веднаш по отворањето на истрагата против Орце Камчев, Цветан Панделески, Сашо Мијалков и останатите од осомничената група. Зборуваше хронолошки како Јанева барала обвинетите да се ослободат од мерката притвор, да им се вратат пасошите, за на крајот да побара и да се направи проценка на штетата што ја направиле и да бидат ослободени.

 

Фото: 24info.m

Јанева никогаш, како што кажа, не се мешала во нејзината работа, се до декември 2018 година кога барала да се даде позитивно мислење за одредување поблаги мерки за осомничените. Во тоа време, како што рече, било актуелно лица да бидат пуштени од притвор заради некакви гласања во Собранието.

„Во средината на декември Јанева нè повика во нејзината канцеларија. Ја образложуваше темата околу лобирањето за законот за ЈО и ми се обрати мене со зборовите: „Лиле, еве ти ги петте предлози кои ги имаш дадено да се одбие жалбата за притвор, ќе ги преиначиш и ќе напишеш на овие осомничени наместо притвор да се определи куќен притвор. Тоа истото ќе го направиш и за Миле Јанакиески и за Кирил Божиновски, како и за Сашо Мијалков’“, рече обвинителката.

Стефанова истакна дека таа се спротивставила на што добила дрзок одговор од Јанева дека тоа е нејзина одлука и дека треба сите да одат во куќен притвор, бидејќи е важно за процесите во државата и за носење на законот за ЈО. Стефанова зборуваше и за состанок на кој Јанева нервозно барала да се врати пасошот на Камчев.

„Ти Лиле да му го дадеш пасошот на Орце Камчев и приговори не сакам. Ќе даде гаранција од 3,5 милиони евра да му дадеш позитивно мислење”. Потоа ни се обрати мене и на колегата Бурим: „И ти Лиле и ти Бурим (Рустеми) да направите извештај колку треба да се плати штетата од осомничените во „Империја“ и „Поштенска Банка“ и тука да се затвори предметот”. Не знам што мислела под тоа, но потоа не избрка од канцеларија“, рече Стефанова.

Тогаш му се јавила на обвинителот Гаврил Бубевски, кој имал комуникација со Јанева, и му рекла дека Катица сака на незаконски начин да ги затвори истрагите за „Империја” и „Поштенска Банка”.

„На состанокот Јанева нè избрка со зборовите: „А сега марш, излегувајте од тука!”, рече Стефанова.

Како специфичност во случајот Стефанова наведе дека осомничените, на некој начин, успевале однапред да дознаат што презема СЈО. Таа првпат се посомневала дека некој ги информира осомничените за чекорите на СЈО кога требало да извршат претрес – и било кажано дека Камчев, заедно со Зоран Милески-Кичеец и со сопругата, ја чека подготвен, иако било 6 часот наутро. Таа тврди дека при претрес во компанијата „Орка Холдинг“ бил присутен брачниот пар, екс министерот за правда, Михајло Маневски и неговата сопруга, поранешната судијка Филимена Маневска, кои во времето на режимот на Груевски гасеа и палеа во правосудниот систем.

„Кога отидовме на претрес во „Орка Холдинг“, таму канцеларијата на осомничениот Ненад Јосифовиќ беше средена. Таму беа и Михајло и Филимена Маневски. Претресот беше уредно завршен, тоа што го најдовме го одзедовме, беше одземен огромен материјал, кутиите беа запечатени и донесени во СЈО, каде се отвораа во присуство на осомничените“, рече Стефанова.

Според неа, Панделески и Камчев цело време праќале емисари, политичари, судии и бизнисмени за да влијаат врз истрагата кај неа и кај Јанева. Стефанова сведочи и дека меѓу емисарите што се јавувале за ургенции за Орце Камчев била и судијката Добрила Кацарска (им судеше на обвинитети за упадот во Собранието на 27 април), но не лично, како што рече, туку преку друг обвинител. Кацарска била присутна и цел ден кога се одлучувало за притворот на Камчев, иако не била судија на претходна постапка.

Судијката Кацарска вели дека е згрозена од сведочењето на обвинителката Стефанова.

„Категорично демантирам дека сум правела пристисоци, па тоа не е мое ниво, јас да се јавувам на Стефанова или да сум праќала други луѓе. Згрозена сум и во поглед на ниското ниво кое што го покажа обвинителката на СЈО во кое сите ние се крстевме и сметавме дека тоа се тие кои што ќе се изборат за правдата.  Мора да видам што е точно кажано и ќе одлучам дали да тужам за клевета ако за тоа се исполнети условите“, вели Кацарска.

Стефанова спомена и писмо напишано од Наташа Савова за да се олесни положбата на Камчев во истрагата.

„Во ноември 2018 година го викнав осомничениот Камчев во СЈО од притвор. Во моментот додека стручниот соработник го носеше адвокатот во просторијата, Камчев искористи еден момент и ми извади еден лист хартија од џеб и рече: „Читај за да се запознаеш со мене“. Горе на листот стоеше лого „Аџибадем Систина‘. Текстот беше напишан од Наташа Савова. Ми беше препорачано да разговарам со Сашо Мијалков за тие да бидат ослободени од оваа истрага. Камчев ми укажа дека многу луѓе се околу него и може да влијае на истрагата“, сведочеше Стефанова за што ја известила Јанева, а како што тврди Стефанова, таа ништо не искоментирала.

Савова: Стефанова да каже дали видела мој потпис 

Савова, поранешен истакнат член на СДСМ и десна рака на екс лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, а подоцна, по промените во врвот на социјалдемократите вработена во Стопанска банка Битола на Камчев, преку медиумите побара Стефанова да каже дали видела нејзин допис, потпис или прави претстава во празно. Таа вели дека тврдењата на Стефанова се паушални, нагласувајќи дека станува збор за истата обвинителка која, како што вели, има докажана репутација на отворање и водење монтирани процеси за политички притисок.

И Ванчо Чифлиганец, сопственикот на градежната компанија „Адора инжинеринг“, бил кај обвинителката Стефанова за да се интересира за предметот „Империја”.

„Во какви односи сте со Чифлиганец?”, праша адвокатката на Катица Јанева, Лени Фрчкоска. „Не знам што мислите под блиски. Љубовница не знам која му е. Го познавам, но не сме во лични пријателски односи”, рече Стефанова.

Тој од неа барал информации зошто се води истрага против бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

„Нормално, не оддадов никакви информации за предметот и го продолживме разговорот на други теми”, рече Стефанова, додавајќи дека Чифлиганец и Камчев имале заеднички бизниси и заедничка фирма.

По завршување на рочиштето пред новинарските екипи таа не сакаше да ги коментира исказите дадени во судницата. Само кажа дека случајот му нанел голем удар на СЈО и ги ставил во непријатна положба дел од обвинителите.

„Дали Катица Јанева е виновна за кривично дело за кое и се суди, ќе одлучи судечкиот совет што ја води постапката. Без разлика на пресудата дејствијата за кои таа е на обвинителна клупа предизвика огромна штета на сметка на СЈО“, рече Стефанова, нагласувајќи дека ако сте лице кое има политичка и општествена моќ ќе најдете начин преку вршители на функции во правосудниот систем да си ја олесните својата положба во кривичните постапки и преку преговори и договори да најдете начин да ја избегнете кривичната одговорност.

Следното рочиште за предметот „Рекет” е закажано за 28 јануари и е предвидено да продолжи со сведочење на обвинителот Бурим Рустеми.

Фрчкоска: Задоволни сме од сведочењето на Стефанова, не се согласувам со испадите на Јанева

Адвокатката Ирена Фрчкоска, која ја брани Катица Јанева во предметот „Рекет“, за однесувањето на нејзиниот клиент вели дека е последница на револт поради, како што вели, сите работи што ѝсе случуваат. Фрчкоска вели дека Јанева постапувала согласно нејзините законски надлежности и тука нема ништо спорно.

„Јас не се согласувам со таквите испади, но Катица Јанева е прилично револтирана, поради сите овие работи кои ѝ се случуваат. Гледаме дека обвинителката Стефанова во јануари кажувала еден став, сега друг. По наш впечаток, работите се извртуваат, а во друг дел во ред беше исказот“, рече Фрчкоска.

Адвокатката на Јанева вели дека од ексшефицата на СЈО немало незаконско постапување.

„Од исказот на Лиле денеска можевме да добиеме впечаток и да изведеме заклучок дека ниту едно дејствие на Јанева не било противзаконско, туку сите дејствија се согласно нејзините законски овластувања и можности. Во еден дел, исказот на обвинителката ќе даде појасна слика за пуштањето на Јордан Камчев од притвор, каде гледаме дека со него од притвор биле пуштени уште пет лица. Ние сме задоволни од исказот на Лиле Стефанова, која потврди дека Катица Јанева не ѝ се мешала, ниту сугерирала, ниту барала да не се работи предметот „Империја“. Јас сум убедена, а тоа и Лиле го потврди, дека сè до април месец не ни знаела за колку лица се води предметот „Империја“, што, пак, покажува дека обвинителката Лиле е оставена сама да го води предметот“, посочи Фрчкоска.

Во однос на изнесеното мислење од страна на Стефанова дека имало политичко влијание, Фрчкоска рече дека тоа ќе се расчисти со исказот на Јанева.