Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг повика во Берлин за побрза испорака на ново оружје за Украина, откако Полска официјално побара дозвола од Германија да испрати тенкови „Леопард 2“ во Киев за поуспешна борба против руските сили.

„Во овој клучен момент од војната, треба да испорачаме посилни и понапредни системи во Украина и тоа треба да го направиме побрзо“, рече Столтенберг по разговорите со новиот германски министер за одбрана Борис Писториус.

Столтенберг рече дека разговарал со Писториус за испраќање напредни тенкови во Украина и додаде дека консултациите меѓу членките на НАТО ќе продолжат, изразувајќи уверување дека наскоро ќе се постигне решение, пренесе НАТО.

Тој изјави дека Русија не треба да се потценува и дека нејзиниот претседател Владимир Путин „докажал дека е подготвен да плати висока цена за неправедната војна“ против Украина.

„Путин мобилизираше повеќе од 200.000 војници. И набавува ново оружје од други авторитарни режими, како Иран и Северна Кореја. Единствениот начин за траен мир е да му се стави до знаење на Путин дека нема да победи на бојното поле. Затоа треба да и обезбедиме на Украина посилни и понапредни системи за да може да ги одбие нападите на руските сили“, додаде тој.