Светна сијалицата во домот на семејството Трајковски во скопски Петровец. ЕВН им ја вклучи струјата и сега Симона, Јовица и нивниот тримесечен син Јоаким не живеат во темница. Но, за да можат и понатаму да ја користат електричната енергија ќе мора да се плати долгот .

„Имаме струја, уште синоќа ја пуштија. Сега не седиме на свеќа. Преубаво е“, рече Симона Трајковска.

Откако НОВА ја објави сторијата многу хумани луѓе, организации и фирми ја понудија својата помош. На сметката на Симона веќе се собрани околу 30 000 денари и штом успеат да ја соберат оваа сума, тие рекоа дека ќе ги уплатат средствата. Во домот на Трајковски постојано доаѓаат луѓе со хуманитарна помош. Во пакетите има млеко за бебето, храна за нив, за бебето добиле и количка и столче за хранење.

Од општина Петровец им донеле дрвја,хуманите луѓе им испратиле брикети за огрев. Но, најважно од се е што Јовица од 1 ви март ќе почне да работи. Му биле понудени повеќе работни места, а тој одлучил да работи во АД Бутел.

„Многу сме среќни. Не очекувавме ваква помош. Им благодариме на добрите луѓе. Штом собереме средства за струјата, ќе ја затвориме сметката за парите да се пренасочуваат на друго место“, рече во телефонскиот разговор за НОВА Симона Трајковска.

Акцијата за помош на ова семејство продолжува. Потреба им е машина за перење, шпорет, фрижидер. НОВА ќе го посети семејството повторно и ќе информираме за се.