Десет лица загинаа во пожар во академијата на бразилски Фламенго. Огнот избувна утрово во спалните соби во центарот за обука на младинскиот тим од Рио де Жанеиро, пишуваат локалните медиуми. Причините за немилиот настан се непознати, а како што пренесува порталот „Г1“, пожарот е ставен под контрола за дваесетина минути.
Засега не е идентификувана ниту една од жртвите за кои се знае дека се возрасни меѓу 14 и 17 години. Покрај десетте загинати, повредени се и три лица кои се хоспитализирани по трагичниот настан во центарот „Нињо де Урубу“ што е реновиран пред два месеца за што, според агенцијата „Ројтерс“ се потрошиле 23 милиони реали (4,8 милиони фунти или 6,2 милиони евра). Во рамки на комплексот има неколку тревници, акватик парк, сала, медицински центар и мини стадион.
Фламенго е еден од најголемите, најпознати и најтрофејни фудбалски екипи во Бразил од чии редови произлегоа Роналдињо, Бебето, Ромарио, итн. Во рамки на спортското друштво има секции и за кошарка, за веслање, за пливање и за одбојка.