Американскиот министер за одбрана Марк Еспер изјави дека претседателот Доналд Трамп издал наредба до американските трупи во северна Сирија за повлекување кон југ, но да не ја напуштат земјата. Во изјава за американската телевизиска мрежа „Си-Би-Ес“, тој рече дека конфликтот меѓу турските сили и курдските борци поддржани од САД станал „неодржлив“ за американските трупи.
Американскиот министер додаде оти добил директиви од Трамп да ги повлече американските трупи од северна Сирија кон југ, но не му било наредено да ја напуштат сириската територија. Еспер не го прецизира бројот на американски војници што ќе бидат опфатени со наредбата, но додаде дека Курдите ќе се договорат со сириските сили и Русија за евентуален контранапад на турските и протурските сили.