Бизнисот е во паника за снабдување и за цените на електричната енергија, додека домаќинствата можат да бидат спокојни, струјата е гарантирана до април 2023 година – е заклучокот од денешната вонредна средба меѓу енергетичарите и Владата. Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Владата а денес претседател на Македонската енергетска асоцијација, го спореди еден мегават струја со чисто злато, илустрирајќи ги галопирачките цени на светските берзи кои имаат свое влијание и во Македонија.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, кој исто така учествуваше на состанокот, вели дека ако се раководат од цената на природниот гас на светските берзи, цената на нафтата во Македонија треба да веднаш да се зголеми за 150 проценти.

Па како Македонија ќе ја дочека зимата со такви застрашувачки податоци и војна на крајот на Европа која управува со славините за гас и другите енергенси?

Анѓушев денес уште еднаш ги повтори барањата на МЕА кои министерот за економија Крешник Бектеши рече дека се целосно прифатливи и ќе се спроведат. За таа цел, како што беше најавено од август во земјава ќе биде прогласена кризна состојба во делот на енергенсите, како можност Владата да ја преземе контролата во свои раце во најчувствителниот сектор за граѓаните, и да може да носи брзи одлуки.

„Бараме енергијата повторно да се врати само за индустријата со што македонската економија би добила дополнителни 7-8 проценти од својата електрична енергија на годишно ниво по прифатливи и добри цени. Втората мерка што ја бараме е Владата преку своите компании пред се МЕПСО да обезбеди да нема прекин на протокот на електрична енергија односно да не се затворат границите за увоз на електрична енергија затоа што тоа би било неповолно за целиот енергетски систем и ќе доведе до сериозни последици. Третото барање е да се зголеми производството на електрична енергија. За тоа разговаравме во повеќе насоки, со ЕСМ, потоа за можноста за приклучување на ТЕЦ Неготино и за обезбедување на мазут во овие услови бидејќи согласно качените цени на берзите над 500 евра за мегават час во однос на цената на мазутот, произлегува дека е економично работењето на ТЕЦ Неготино и неговото враќање во рамките на ЕСМ“, рече Анѓушев.

Посебно е важно, вели тој, да се направат разговори со ТЕ-ТО кој што е приватен капацитет, но многу значаен во електроенергетскиот и во топлификацискиот систем, да работи во зима и како извор на електрична енергија и како стабилност на електроенергетскиот систем но многу поважно за произведување на поефтина топлина во Скопје.

МЕА исто така бара да се овозможи на индустриските капацитети со намена Г 1 или лесна незагадувачка индустрија, да можат да постават фотоволтаици бидејќи индустријата ја има само таа можност и тој начин да се одбрани од овој ценовен шок.

„Во моментов во нашата држава има инсталирано 40-тина мегавати во фотоволтаици и мали хидроелектрани кои што се неприклучени на електроенергетската мрежа. Тие треба што побргу да се приклучат на електроенергетскиот систем бидејќи секој инсталиран мегават е чисто злато и многу значаен во енергетскиот систем на државата“, вели Анѓушев.

Министерот за економија откри дека се на дневна база во комуникација со енергетскиот сектор со цел да се изнајдат мерки за ублажување на енергетската криза во домаќинствата и во индустријата.

Мерките што ги бараат енергетичарите, вели тој, ќе почнат да се спроведуваат од август кога ќе биде прогласена и кризната состојба во енергетиката.

„Преку министерствата за финансии и за економија ќе обезбедиме 100 милиони евра од ЕБОР кои ќе бидат насочени во ЕСМ за набавки на мазут, јаглен и електрична енергија. 1,1 милион тони јаглен веќе се обезбедени за РЕК Битола, 500 илјади тони за Осломеј, што значи дека нашите очекувања се дека РЕК Битола од октомври ќе работи со трите блока, Осломеј ќе работи со полн капацитет, и веќе почна испораката на мазут од Грција за потребите на ТЕЦ Неготино. Првично со првиот котел а потоа и вториот котел ќе работи за ТЕЦ Неготино, се со цел да може да се снабдува ЕВН Хоум за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, а вишоците ќе одат во стопанството“, објасни Бектеши.

Меѓутоа во сите тие планови и проекции преовладува пораката граѓаните и индустријата сериозно да почнат да штедат електрична енергија.

Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика најави дека 240 милиони киловатчасови од обновливите извори на енергија ќе се стават на распослагање на македонската индустрија на годишно ниво по цена од 100 евра за мегават час.

„Оваа недела цената на светската берза на електрична енергија изнесува над 500 евра за мегават час. Во моментов ЕСМ ја обезбедува по цена од 163 евра за мегават час, во дистрибутивната мрежа и по цена од 220 евра за мегават час, што е далеку пониска цена од пазарната“, рече Бислимоски.

Поразителен е податокот, меѓутоа, што блоковите во РЕК Битола и Осломеј, од кои Македонија е целосно зависна, се стари 40 години, односно се градени во времето на поранешна Југославија. Како што беше откриено на денешната прес-конференија тоа е една и од причините што Владата ќе прогласи кризна состојба, за во случај на хаварија како минатата зима, да може брзо да интервенира со увоз на електрична енергија од буџетски пари.

Васко Ковачевски, директор на РЕК Битола посочи дека се ставени  на располагање сите капацитети за производство на електрична енергија. „РЕК Битола работи со двата блока, за блок 3 веќе имаме склучено договор за набавка на нов трансформатор а и стариот се поправа така што очекуваме во октомври да го ставиме во функција, така што ќе произведуваме електрична енергија со трите блокови“, најави тој.

Во моментов РЕК Осломеј е во застој и се работи на ремонт и во рок од 60 дена ќе се подготви за функционирање за наредната грејна сезона, така што се очекува во септември да биде ставен во функција.

„Работиме на зголемен ископ на сопствен јаглен во Битола и Осломеј, паралелно на тоа, склучени се договори за испорака на јаглен од соседните држави Грција и Албанија и се прават напори во текот на оваа недела да договориме и со Косово. Или вкупно за претстојната грејна сезона ќе набавиме околу 1,5 милион тони јаглен, што значи дека ќе имаме сигурно производство на струја од термоелектраните“, рече Ковачевски.

Ковачевски откри и дека во моментов е во тек достава на 30 илјади тони мазут од Грција преку пристаништето во Солун кои се доволни за работа на ТЕЦ Неготино за два месеци и со два котли. „Имаме договор за 120 илјади тони обезбедени количини мазут, и планираме во август да објавиме повик за набавка на уште 200 илјади тони мазут за периодот од декември до април 2023“, истакнува директорот на РЕК Битола.

„Со овие капацитети ќе ги задоволиме потребите на ЕВН Хоум 100 проценти, потребите на загубите во системот на електродистрибуција и потребите на МЕПСО. Со тие ресурси планираме 100 процентно да ги испорачаме количините на елктрична енергија“, уверува тој.

Пораки на смирување се испраќаат и до метрополата која е зависна од парно греење. „Во август ќе има јавен повик за нови лиценци. ЕСМ формира три нови компании за топлификација – производство, дистрибуција и снабдување и очекуваме тие за 15 дена да бидат подготвени да аплицираат на јавниот повик, да ги добиеме лиценците и во текот на грејната сезона да нема застои во греење на Скопје. Ќе ни треба закуп на Топланите Исток и Запад и Топланата која што е наша во Гази Баба, а ќе треба да се вклучи и Те-То кој што произведува електрична енергија“, рече Ковачевски.

Ковачевски тврди дека Македонија во моментов набавуваме јаглен со најниска цена во регионот. Просечната цена се движи од 55-62 евра за тон. „Ако ги видите берзите денес цените се движат 90-120 евра за тон“, вели тој. (С.К.)