Налог за апсење на Енес Кантер, центар на Оклахома, издадоа властите во Турција поради негова, наводна, вмешаност во дела на терористичка организација.
Причина за тоа, според турски „Дејли Сабах“, е јавната поддршка на кошаркарот на тандерси за прогонетиот верски лидер Фетулах Гулен и неговото движење „Хизмет“ на социјалните мрежи како и критиките за начинот на владеење на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Кантер пред две недели беше задржан во Романија, откако турските власти го поништија неговиот пасош. Нему, сепак, му беше дозволено да се врати во САД по интервенција на американски и други авторитети.
Отсуство на демократија, на слобода на говор и на слобода на религија се дел од неговите, неодамна, изнесени критики на сметка на турските власти. Притоа, во разговор со новинари, истакнал дека семејството би можело да заврши во затвор доколку оствари и телефонски контакт со некој од членовите.