Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и украинските официјални претставници денеска соопштија дека е продолжен договорот со кој на Украина и се овозможува да извезува жито преку Црното Море.

Украинскиот вицепремиер Олександар Кубраков објави на Твитер дека договорот е продолжен за 120 дена, за што се залагаа оваа земја, Турција и Обединетите нации, но Ердоган се уште не ја потврдил временската рамка.

Делегацијата на Русија која разговараше со високи претставници на Обединетите нации (ОН) во Женева во понеделникот објави дека Москва е подготвена да прифати продолжување на договорот за само 60 дена.

Во јули, ОН и Турција склучија договор меѓу двете завојувани држави, врз основа на кој Украина – еден од најголемите извозници на жито во светот – транспортира жито и вештачко ѓубриво со бродови користејќи три свои пристаништа на Црното Море.

Москва, пак, е незадоволна од тоа што паралелниот договор за извоз на руска храна и ѓубрива ги нема очекуваните резултати, бидејќи се извезува само дел од руското ѓубриво, а никакво жито.

Според руската делегација, „ограничувањата за руските извозници на земјоделски производи сè уште се во сила“, а „исклучоците од санкции за храна и ѓубрива објавени од Вашингтон, Брисел и Лондон се во суштина неактивни“.

Со овој договор Москва сака рускиот амонијак да се транспортира со гасовод преку украинска територија до пристаништата на Црното Море за евентуален извоз.

Руските власти се жалат и дека банкарските ограничувања и високите трошоци за осигурување го отежнуваат извозот на руско ѓубриво.

Г. Т.