Антон Герашченко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина, тврди дека Русија подготвува втора мобилизација во јануари следната година, планирајќи регрутација околу 700.000 резервисти. За потсетување, Москва во септември и октомври регрутираше околу 300.000 војници за војната во Украина, поради што стотици илјади Руси ја напуштија земјата за да избегнат мобилизација.

Украинскиот функционер на Твитер тврди дека тие 300.000 мобилизирани се веќе „убиени, ранети или деморализирани“.

Русија се подготвува за нов бран на мобилизација во јануари. Планот е да регрутира од 500.000 до 700.000 луѓе. Оние 300.000 мобилизирани претходно веќе се убиени, ранети или деморализирани, објави Герашченко.

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, вчера изјави за новинарите дека Кремљ не размислува за нова мобилизација за војната во Украина.