Високи претставници на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Кит Келог, ќе отпатуваат во Истанбул овој четврток на можни разговори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина, пренесува Ројтерс.
Сѐ уште не е познато дали на средбата ќе присуствува претставник од руската влада. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека „штом претседателот ќе смета дека е соодветно, ќе објавиме кој ќе ја претставува Русија“.
Белата куќа, Стејт департментот, Советот за национална безбедност и портпаролот на Виткоф досега не дадоа официјален коментар. Од украинска страна, претседателот Володимир Зеленски најави дека ќе учествува на разговорите само доколку таму присуствува и рускиот претседател Владимир Путин. Советник на Зеленски истакна дека ова е начин да се покаже дали Кремљ навистина е заинтересиран за мир.
Путин сѐ уште не објавил дали ќе патува во Турција. Војната досега однесе стотици илјади животи од двете страни. Претседателот Трамп, кој моментално е на Блискиот Исток на средби со лидери од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар, изјави дека ќе отпатува за Истанбул ако тоа биде потребно.
Американските претставници во текот на викендот го повикаа Зеленски да се согласи на директна средба со Путин и да ги објави своите намери за отворени мировни преговори. САД се надеваат дека ќе дојде до договор за 30-дневно примирје што ќе важи на копно, во воздух, на море, како и кај критичната инфраструктура. Киев веќе се согласил со тој предлог, изјави висок американски функционер.
Примирјето има поддршка и од страна на европските земји. Доколку Москва не го прифати предлогот, Европската Унија најави нов пакет санкции против Русија.