Во Младинскиот културен центар (МКЦ) вечерва во 20 часот ќе биде изведена премиера на претставата „Вистинскиот запад“ во режија на Борис Василески, според најпоставуваниот драмски текст на наградуваниот американски автор Сем Шепард.

„Вистинскиот запад“ ја дава сликата на двете крајности, кога сакаме да бидеме дел од општеството и истовремено сакаме да се изолираме од лошо организираниот свет. Потребата да најдеме свое место под сонцето не згаснува, а притисокот од „што сум направил до сега?“ не исчезнува, соопшти МКЦ.

Во претставата играат Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Мартин Манев и Тања Кочовска. Сценографија и дизајн на светло е на Мартин Манев, костимографијата е на Симона Даноска, музиката на Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски, а автор на дизајнот на постер е Ана Јачева.

МКЦ информира дека изведбите на претставата се организираат согласно актуелните здравствени протоколи за организација на настани.