Утрово во Косовска Митровица се огласија сирени, а во тек е операција на единиците на косовската полиција чии претставници порачаа дека „спречуваат шверц на стока“. Сирените набрзо престанаа, но тензиите, сепак, останаа, пренесува ТВ Н1.

Особено се изразени на мостот над Ибар во општина Звечан, каде косовската полиција се обидува да мине кон центарот на градот, а граѓаните се обидуваат да ги спречат.

Полицијата во еден момент употреби солзавец за да ја растера толпата. Како што пишува „Коссев“ се слушнале и шок бомби. Граѓаните кои се најдоа на лице место пријавуваат дека станува збор за специјални полициски единици и дека можат да се видат претежно пред аптеките.

РТС известува дека припадниците на косовската полиција затвориле неколку продавници во северниот дел на Косовска Митровица и околните области поради економски криминал.

Тие упаѓаат во магацини. Продавници и аптеки не работат, ја спроведуваат акцијата сами и без консултации и подготовка со полицијата во северниот дел на Митровица, наведува РТС, повикувајќи се на сведоштва и тврдења на очевидци.

Амбулантни возила и пожарникари беа на улиците, а граѓаните се собраа во центарот на градот. Блокирана е раскрсницата која се наоѓа во близина на Техничкото училиште.