Наставник по англиски јазик пред цело одделение во училица физички малтретира ученик во основното училиште „Панајот Гиновски“ во населбата Бутел 2.

Овој случај е пријавен во полицијата.

На видеото кое е објавено на социјалната мрежа „ТикТок“ се гледа како наставникот прво му замавнува на ученикот, а потоа го крева со двете раце и го пушта.

Директорката на училиштето за „Слободен печат“ потврди дека случајот го пријавила во полиција. Наставникот повеќе години предавал во тоа училиште.

– Не дозволувам насилство во моето училиште. Разговарав и со наставникот. Нема што да признава или да не признава, има видео. Мојата работа ја завршив најодговорно и пријавив во МВР. Родителите на детето се обидов да ги добијам, но биле на пат и не ми одговорија на повикот. Ќе следува дисциплинска комисија. Ученикот е во 7 одделение, а наставникот е по англиски јазик, изјави директорката.