Ограбувачи на банка врзаа заложници на своите автомобили при бегство од полициската рација во градот Аракатуба на југот на Бразил. Полициски извори соопштија дека најмалку три лица загинаа, меѓу кои и еден од осомничените.

Официјални лица истакнаа дека во грабежот учествувале повеќе од 50 луѓе, блокирајќи ги патиштата со запалени автомобили и поставувајќи експлозивни направи низ целиот град.

Градоначалникот на Аракатуба, Диладор Борхес призна дека полицијата се мачела да интервенира.

Полицијата не може да тргне во напад, не може да им се спротивстави бидејќи премногу човечки животи биле изложени на ризик, изјави Борхес за ТВ Банд.

Притоа дополни оти не знае дали разбојниците ги ослободиле сите заложници, но порача дека силите за безбедност повторно ја презеле контролата врз центарот на градот.

Судбината на најголем дел од заложниците, вклучувајќи и на оние кои беа врзани за возилата, не е позната. Училиштата ќе останат затворени до понеделник, а градоначалникот апелира до жителите да останат во затворен простор, предупредувајќи ги на опасноста од експлозивните направи.

Како се одвивал грабежот?

Група од тешко вооружени разбојници утрово нападнала три банки во центарот на Аракатуба. По грабежот, земени се неколку заложници со кои била опколена локалната станица на воената полиција.

Бандата, исто така, ги блокирала сите пристапи до градот со палење на автомобили, пренесуваат локалните медиуми.

Грабежите на банки се зачестена појава во последните години, при што заложниците се користат како жив штит.