Орце Камчев не се штедеше пред судот и остави впачаток дека има намера што повеќе да открие за случајот „Рекет“ и за околностите. Откри нови имиња кои во иднина, ако се точни изнесените тврдења, може да се цел и на истражна постапка. Тој случајот го пријавил кај обвинтелката Вилма Русковска, откако претходно го известил и премиерот Зоран Заев на кого му се доверил дека Бојан Јовановски и Катица Јанева го уценуваат за пари и дека му конструираат предмет „Империја“ во СЈО преку обвинителката Лиле Стефанова.

„Премиерот беше изненаден и шокиран. Не му се веруваше што му зборувам. Потоа ми се јави и ми рече дека е најдобро да пријавам во Јавното обвинителство“, тврдеше Камчев.

Бојан Јовановски имал намера и Радмила Шекеринска да ја вмеша во случајот, па со фотографија на која биле Боки и министерката тој го уценувал. Орце Камчев го започна сведочењето со сериозни информации и посочи дека и адвокатот Васил Димишков е дел од сценариото за „Рекет“. Како што изнесе пред судот, во август во 2018 година дознал дека против него се води истрага токму од адвокатот Димишков, инаку брат на судијката на претходна постапка Весна Димишкова, која беше подоцна на истрагата „Империја“. Дури напомена дека адвокатот бил и на една од средбите кога на неговата сопруга Ана и биле барани четири, шест, па осум милиони евра за купување на слободата.

фото: vecer.mk

„И се јавија на сопругата Ана дека треба да се види со Димишков. Таа ми пренесе дека ја однеле со автомобил во стан во Капиштец што бил наменет за специјални клиенти“, рече Камчев посочувајќи дека таму на неговата сопруга ѝ било кажано дека ако сака да му помогне, ќе мора да плати износ во милиони евра.

Потоа тој зборуваше за уште една средба во населбата Орман, на која присуствувале неговата сопруга, Бојан Јовановски, Зоран Милески-Кичеец, но и Катица Јанева.

Фокусот на сведочењето беше и врз специјалната обвинителка, Лиле Стефанова која го води предметот „Империја“. И нејзиното име се спомена неколку пати во негативен контекст, па ако се точни тврдењата на Камчев и за неа е можно да има истрага.

„Случајот „Империја“ е конструкција на Катица Јанева, на Лиле Стефанова и на Бојан Јовановски. Последниот пат кога ме испрашуваа во СЈО, во канцеларијата дојде лично Јанева која пред мојот адвокат Апостолски ми рече да го завршам тоашто го договарам со Бојан“, сведочеше Камчев во делот за поврзаноста на Јанева со Јовановски, но и за улогата на Стефанова.

Најверојатно Јанева мислела да се заврши тоа што Бојан го нудел како договор на Камчев.

„Бојан Јовановски прво ми побара пари, преку реклама во неговата телевизија. Се сретнавме во ресторанот „Суши“ каде ми тврдеше дека е многу влијателен. Преку директорката во мојата компанија понудивме 50.000 евра за реклама. Подоцна таа ми кажа дека тој бил навреден од сумата која му била мала. На следната средба дојде со препишан бизнис план, за изградба на ВИП-фешн молови. Беше присутна и Јасна Мандиќ. Го прашав дали има локација? – Ми одговори дека има во Карпош, ама немал намера да му се јави на градоначалникот Стефан Богоев оти нешто го извисил. Ја сврте последната страница од договорот, потпишан беше Лазар Јанев, синот на Катица, така ми рече Боки. Сакаше да ми наплати четири милиони евра за проектот и ми се закани дека ќе биде лошо ако не го потпишам, но јас не попуштив“, раскажуваше Камчев.

Потоа Камчев тврди дека му дал 180.000 евра на Боки 13 за реклама, а Јовановски му испратил фотографија со Катица Јанева непосредно пред да се формира предметот „Империја“. Тој не испушти да укаже дека обвинителката Лиле Стефанова која, преку бизнисменот Ванчо Чифлиганец, барала Камчев да купи деловен простор за ќерка ѝ за стоматолошка ординација во зградата „Пегла“на Чифлиганец, тврдење кое Стефанова и Чифлиганец го негираа.

Откако во јануари во 2019 година Камчев бил пуштен од притвор, во посета му дошол Јовановски. Во тој период беше донесено правното мислење на Врховен суд за укинување на истрагите на СЈО на Јанева, што значи Камчев е пред целосно ослободување од притвор. Но, тој иако го знае тоа, сепак, организира снимање со мобилен телефон како на Боки му ги предава парите. За парите од фамозната торба „Луј Витон“, за која има и снимка, Камчев пред судиите рече дека намерно ги спакувал во таков вид торба бидејќи Боки 13 многу го љубел тој бренд.

„Не може да биде во торба „Адидас“, нема да личи. Му ги спакував во торба „Луј Витон“ оти го љуби тој бренд. Па, уште ми забележа дека банкнотите биле по 50 евра, а тоа беше намерно така за да му ја наполнам торбата“, рече Камчев пред судот.

Бизнисменот Орце Камчев како клучен сведок во случајот „Рекет“ пред судот тврди дека не само тој, туку и сопствениците на Пелистерка и на Тинекс платиле пари за да не им бидат отворени, како што тој ги нарече, измислени предмети.

На крајот од денешното сведочење на бизнисменот Орце Камчев на судењето за „Рекет“, првообвинетиот Бојан Јовановски го праша сведокот кога го пријавил случајот и дали со снимките свесно го уценувал премиерот Зоран Заев.

Јовановски: На кој датум го пријавивте случајот Рекет?

Камчев: Крајот на април или почетокот на мај.

Јовановски: Дали со вашите снимки свесно сте го уценувале Заев?

Судот: Прашањето не се дозволува.

Јовановски: Дали мене сте ми дале некогаш пари на рака?

Камчев: Да, ти дадов милион евра

Јовановски: Дали се сеќавате дека сте ја средиле работата, си ја завршивте работата со Врховниот суд?

Камчев: Тоа не е точно.

Јовановски: Како излегоа материјалите во јавноста?

Камчев: Не знам.

Јовановски: Каква е улогата на Наташа Савова во врска со објавувањето на снимките?

Камчев: Нема улога.

Претходно, Камчев објави дека Боки 13 и Сергеј Варошлија со мутирани гласови му се јавувале на Ацо Кабранов да го заплашуваат со цел да го натераат да пријави во полиција за потоа Јовановски да излезе негов спасител. Новинарот Кабранов преку својот профил на ФБ потврди дека му се јавувале чудни гласови, но не му било јасно како му се појавувал бројот на Боки, а гласовите биле други. На крајот кога пријавил во полиција го известиле дека пoстоеле некакви апликации кои се купувале во Србија и кои се користеле со ваква намера. Кабранов од денеска е изненаден како Камчев знае за ова. Дополнително, Камчев откри дека на една од средбите со Јовановски, на кои сопственикот на телевизијата „1ТВ“ му нудел сомнителни договори и бизнис соработка, бил и министерот за здравство Венко Филипче.

По марaтонското сведочење, Камчев пред судот изјави дека тој е жртва во случајот, исто како што биле и други бизнисмени кои криеле.

„Многу функцониери и директори се злoупотребувани. Јас сум човек што не лаже и ја кажав вистината која беше болна за некои луѓе. Од целиот случај јас сфатив дека тоа е игра на Јовановски и Јанева“, заврши Камчев.

Неговиот исказ има сериозни обвинувања на адреса на неколку мина чија улога во случајот „Рекет“ ќе мора да се провери, како онаа на адвокатот Димишков, на судијката Димишкова, на министерот Филипче, и, секако, на обвинителката Стефанова која го имаше предметот „Империја“ кој се користел како причина за рекет кон Камчев.

Рочиштето за предметот „Рекет“ ќе продолжи на 10 декември со сведочење на Ана Камчева, сопругата на Јордан Камчев, која денеска не се појави во Кривичниот суд поради температура.