Во ова село на 17 јуни во 2018 година, грчките граѓани се спротивставија на потпишувањето на Договорот од Преспа, пишува на мермерниот споменик во грчкото село Писодери, каде пред две години имаше инциденти, додека тогашните премиери на Северна Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас го парафираа решението меѓу двете земји во Псарадес, јави дописничката на МИА од Атина.

На споменикот се потпишани извесни „Македонци од Драма“ кои пишуваат дека „го кинат Договорот од Преспа“. На задната страна на споменикот се запишани имиња на 19 лица од Грција, од Канада, од Австралија и од САД кои се спонзори и финансиски ја помогнале за изградбата. Според локалните медиуми, за споменикот добиле дозвола од општина Преспа.