Комисијата за заразни болести во вторник ќе се произнесе дали ќе биде прогласена епидемија на морбили на ниво на цела држава. Појавата и натаму не стивнува, откако само минатата недела биле регистрирани 126 заболени со мали сипаници што е најголем број досега. Речиси пола од нив (57) се случаи во Скопје, а меѓу нив и бремени жени од кои една трудница го загубила плодот во шестиот месец. Досега од мали сипаници се разболеле и над 100 здравствени работници.

„Кога вирусот е веќе тука, треба да изгори за епидемијата да спласне“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Тој вели дека бројките не се изненадување бидејќи епидемиолозите ги предвиделе и порача дека капацитетите на Инфективната клиника и еден оддел од детска болницата Козле се подготвени за соочување со појавата на морбили. Надлежните апелираат луѓето да се вакцинираат. Од почетокот на епидемијата се регистрирани 960 случаи на заболени.