Кој ќе седне на испразнетото министерско место во здравството дефинитивно се очекува да се знае во денеска, откако премиерот Зоран Заев пред два дена најави дека конечната одлука ќе биде доставена до Собранието во понеделник. Тој во изминатиот период најавуваше дека се избира човек, а не партија, но она што се случува во моментот го покажува токму спротивното.

И покрај информацијата во јавноста викендов дека неврохирургот Венко Филипче ќе седне во министерската фотеља, а Алијансата на Албанците треба да го земе заменичкото место во здравството, од партијата на Села за НОВА велат дека таква понуда до нив не стигнала, ниту пак со нив било преговарано во последните две недели за ова.

Арбен Таравари кој го заменува Зијадин Села додека престојува во САД, за НОВА потврди дека немало ниту преговори, ниту средба за ова во последните две недели.

„Немаме официјална информација з а ова, ниту пак ни е понудено заменичко место. Ние сме во постојана комуникација со меѓународниот фактор и тие се согласуваат дека треба да продолжиме, односно да си го задржиме местото на прв човек во здравството“, изјави Таравари за НОВА

Таравари потенцира дека има различни гледишта во партијата за заменичкото место или за можно излегување од Владата, но конечен став од партијата нема. Нивниот кандидат за министер е Вулнет Ферати кој работи како претставник на една странска компанија за лекови.

Сепак, извори од СДСМ брифираат дека тоа е завршена работа и дека Венко Филипче, најверојатно ќе биде новиот министер з а здравство. Кај социјалдемократите точката на вриење е на високо ниво во последните два дена бидејќи за ова место има неколку заинтересирани кандидати, како и внатре партиски лоби групи кои ги протежираат.

Последните информации говорат дека откако отпаднале Ферати и Дохчев, копјата се кршеле меѓу Филипче и Христијан Костов, актуелен директор на болницата “8 Септември“. Извори од партијата велат дека Филипче е нивниот избор и дека Алијансата ќе го изгуби местото.

Министерската фотеља во здравството е празна повеќе од три месеци, откако Таравари се кандидираше за градоначалник на Гостивар. Во Министерството за здравство и воопшто во ниту еден ресор, во било која Влада не се случило толку долго да остане без министер.