Министерството за правда како целосно невистинити ги отфрла обвинувањата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој и покрај тоа што го знае процедури, изјави дека Владата сака насила да „протне“ 12 закони со европско знаменце, се вели во реакцијата на Министерството за правда.

Од таму додават дека повеќето од овие закони се на Министерството за правда и се дел од Стратегијата за реформи во судството, чие спроведување е обврска кон граѓаните и кон ЕУ. Дел пак, како на пример Предлог-законот за академија за судии и јавни обвинители се работени во директна координација со Европската комисија.

– Дополнително, сакаме да потсетиме на процедурата, односно некој закон да добие европско знаменце не е важно колку членови се усогласуваат. Важно е само дали има усогласување или не. Во случајов секако дека има. Исто така, овие закони се дел од Националната програма за усвојување на европското законодавство и го имаат потребниот ЕПП број, велат од Министерство за правда.

– Од партијата ВМРО-ДПМНЕ тоа добро го знаат и со жалење констатираме дека наместо да влезат во собраниска дебата со цел да дадат и свои предлози, тие свесно манипулираат на штета на реформите во судството, а со тоа и директно на граѓаните. Некои од овие Закони, како на пример оној за парнична постапка се двотретински, така што гласовите и соработката со опозицијата ќе биде потребна со цел заедно да придонесеме за судските реформи за кои толку многу говориме, соопштија од Министерство за правда.

Во реакцијата дополнително се вели дека овие законски решенија треба да обезбедат олеснети судски постапки во граѓанските предмети и зголемување на транспарентноста во работата на судовите.

Воедно правда нагласуват дека некои од овие закони веќе одамна се подготвени од Министерството за правда, усвоени и испратени во Собранието, но поради блокадите на опозицијата тие долго време не се најдоа пред пратениците.

Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски обвини дека владејачкото мнозинство во Собранието има намера, како што рече, да протне 12 нови закони злоупотребувајќи го повторно европското знаменце на законите. Тој побара законите да бидат разгледувани во редовна постапка, во спротивно најавија дека ќе ја блокираат работата на Собранието.

-На тој начин, власта има за цел да си донесе закони без отворена дебата и суштинска дискусија за законите. Власта има за цел да ја оневозможи опозицијата овде во Собранието, да даде издржани и аргументирани забелешки. СДСМ и Заев сакаат сите овие закони да ги протнат без дискусија, шверцерски и недемократски, рече Мицевски.

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и опозициската партија, вели тој, апелира до власта и владејачкото мнозинство да престанат да ја уриваат парламентарната демократија и конечно да престанат со шверцерското носење на законите. Тие бараат власта да го почитува Деловникот на Собранието и да ги презакажат матичните комисии каде што сите овие закони ќе бидат разгледани во нормална и редовна постапка, со дебата и дискусија и од пратениците од опозицијата.

-Доколку, СДСМ, Заев и владејачкото мнозинство не го сторат тоа и не се повлечат од оваа налудничава идеја, јавно од оваа говорница им порачуваме дека ќе го блокираме Собранието на Република Македонија и носењето на секаков вид на закони. Нема да дозволиме материјалните, финансиските, тесно-партиските и коалициските интереси да бидат на прво место, пред интересите на сите граѓани на Република Македонија. Нема да дозволиме поради неспособноста и криминалот на власта и Зоран Заев, повторно ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата да бидат виновни. Единствени виновници се токму тие и никој друг, рече Мицевски.