Украинскиот претседател Володимир Зеленски им вети на своите сонародници дека ќе го врати полуостровот Крим, кој беше припоен од Русија.

„Украинското знаме повторно ќе се вее над Јалта и Судак, над Џанкој и Евпаторија“, рече Зеленски во видео-пораката објавена синоќа во Киев, додавајќи: „Се разбира, ќе го ослободиме нашиот Крим“.

Руската армија го окупираше полуостровот на Црното Море во 2014 година, кога Украина беше ранлива поради промената на власта и не можеше да пружи отпор. После тоа се одржа меѓународно непризнаен референдум и Крим беше припоен кон Русија.

Зеленски секогаш се залагаше за враќање на полуостровот, но ретко го поставуваше како воена цел. Претседателот ги повика украинските граѓани да останат во контакт со делови од земјата како што се Доњецк и регионот Харков окупиран од Русија. Тој тврди дека овие области во иднина ќе бидат ослободени.

„Кажете им дека украинската војска дефинитивно ќе дојде!“

Во источниот дел на Донбас, тврди Зеленски, армијата е под притисок. Итно им е потребна модерна артилерија од нивните странски партнери, додаде тој.