Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ако Украинците во опколениот град Мариупол бидат убиени од руските сили и ако Русија организира „псевдо“ референдуми на окупираните територии, Украина ќе ги прекине преговорите со руската страна.

Зеленски, исто така, ја повтори својата подготвеност да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, велејќи „немам право да се плашам, украинскиот народ покажа дека не се плаши од руската војска“.

„Што се однесува до темата на средбата со претседателот на Русија, да, би сакал да започнеме со финализирање на војната. Има дипломатски пат, има и воен. Така што секој здрав и разумен човек секогаш избира дипломатски пат затоа што на тој начин, може да се спречат дополнителни човечки загуби, а со такви соседи, стотици илјади, а можеби и милиони жртви“, рече тој.

Додека Зеленски рече дека „не се плаши“ да се сретне со Путин, истовремено додаде и дека е тешко да се верува во она што го кажува Русија. „Немам доверба во Русија. Затоа што тие само кажуваат нешто, а нивните зборови не се совпаѓаат со постапките“, рече тој. (Си-Ен-Ен)