Земјотресите кои утрово беа регистрирани во близина на албанско-македонската граница ги вознемирија дебрани, посебно оние во станбените згради. Тие ги напуштија своите домови и одреден временски период останаа во дворовите на зградите, а некои заминаа кај свои блиски кои живат во куќи.

Ќе одиме кај мојата ќерка, која живее во куќа. Таму ќе бидеме побезбедни. Куќата е едноспратна, па ако повторно затресе можеме побрзо да излезeме. Живееме на петти кат, страшно беше, вели жителка на станбена зграда.

Епицентарот на земјотресите е во областа на пограничното рударско гратче Булќиза, на триесеттина километри од Дебар.

Од вчера во 17 часот, кога е почувствуван првиот потрес, регистрани се вкупно девет со јачина од 3,3 до 3,6 а најсилен беше оној во 8:10 часот. Епицентарот е во подрачјето на Булќиза со магнитуда од 4,5 степени според Рихтеровата скала што кореспондира на 5 степени во жариштето на земјотресот, кој беше на длабочина од 10 километри, изјави за „Ора њуз“ албанскиот сеизмолог, Едмонд Души.

Според него тлото е сè уште активно и со сигурност не може да се каже дали потресот во 8:10 часот е кулминација на оваа активност или ќе продолжи, затоа, додава, можни се нови потреси.