Од:

Српско-руски шпионски игри за “македонско сценарио”- Kој сака криза?

НОВА ТВ ви открива како се убива мирот и стабилноста на една држава и еден регион. Главните актери во ова приказна се странски служби, домашни шпиони и политички агенти преправени во новинари. Сите во функција на скриените агенди на мали и големи држави. Настаните се локални, но играта е глобална и ги отсликува растечките тензии помеѓу Западот и Истокот во таканаречната пост студена војна – термин којшто годинава за прв пат беше формализиран и во Извештајот на Фридом Хаус „Нации во транзит“.

Пишуваат: Сашка Цветковска, Маја Јовановска, Борјан Јовановски, Биљана Секуловска,Стеван Дојчиновиќ

Новинарот и член на парламентот на Република Србија Мирослав Лазански заедно со Горан Живалевиќ, припадник на српските тајни служби и Иван Стоилковиќ, пратеник во македонскиот парламент, спроведувале медиумска пропаганда во Србија и Македонија во интерес на српските разузнавачки служби, на линија со руските интереси на континентот и со крајна цел влијание врз политичките состојби во Македонија и спречување на евроатлантските перспективи на земјата и регионот. За ова акција долго време знаеле и македонските служби, но за истите не се преземало ништо, а дел од актерите во оваа приказна учествувале и во безредијата во парламентот, додека во меѓувреме остварувале средби со високи функционери и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Новинарот политичар

Мирослав Лазански е долгогодишен новинар кого медиумите во кои работи го опишуваат како „воено политички коментарот“. Од 2016  тој е и пратеник во српскиот  парламент како дел од пратеничката група на владејачката партија СНС водена од претседателот Александар Вучиќ. Но политичката и новинарската кариера продолжуваат паралелно. Тој има своја емисија на државниот канал и постојано пишува колумни и репортажи. Од неговите продукти, во последните неколку месеци во екот на македонската политичка криза Лазански се занимава со Македонија, дознаваат НОВА ТВ и КРИК.

Извори на НОВАТВ инволвирани во следењето на безбедносните ризици по Македонија, посочуваат дека пратеникот Иван Стоиљковиќ бил во редовна комуникација со српскиот државјанин, офицер на БИА и дипломат Горан Живаљевиќ,  а двајцата преку Мирослав Лазански ја спроведувале медиумската пропаганда непосредно пред крвавите настани во македонскиот парламент.

Информациите говорат дека припадникот на српската тајна служба БИА, Горан Живаљевиќ, во март оваа година разговарал со Иван Стоиљковиќ, пратеник, коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Демократската партија на Србите. Стоиљковиќ и Живалевиќ му биле домаќини на српскиот новинар и пратеник Мирослав Лазански и преку него ја насочувале српската пропагандна машинерија во функција на активности со потенцијал да ја дестабилизација на Македонија.

Информациите до кои дојдовме посочуваат дека Лазански имал средби  со Груевски во март годинава, еден ден пред да биде објавена неговата колумна во српскиот весник „Политика“ со наслов „Не ја даваме Македонија“ за којашто бил насочуван од Стоиљковиќ и Живаљевиќ. Во неа авторот јасно се става на страната на Груевски и соопштува дека „излезот за кризата во Македонија се нови избори“, што впрочем е и формалното партиско барање на ВМРО-ДПМНЕ од стратот на истата. Текстот е негативен за Заев, Европската унија и САД кои што Лазански ги терети како креатори на кризата и сили кои стојат зад сценариото за федерализирање на Македонија и создавање Голема Албанија. Следниот ден оваа колумна е реобјавена во десетина македонски медиуми под контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е единствениот ваков текст. НОВАТВ идентификуваше речиси педесетина авторски текстови, интервјуа за телевизии, колумни на Лазански од почетокот на оваа година каде што секаде се повторувааат овие тези како и тезата дека ако Заев прави влада ќе има војна.

Лазански за КРИК и НОВАТВ потврди дека на почетокот на март бил во Скопје и се среќавал со Живаљевиќ и Стоилковиќ.

„Јас ниту сум служба, ниту сум портпарол на служба, јас дојдов доле како новинар, а не како народен пратеник. Како новинар на „Политика“ и како некој кој прави радио прилози за телевизија. Во новинарската кариера сум имал контакти со шефови на големи разузнавачки агенции како КГБ  и ЦИА, британската, француската служба, германската“, вели тој. “Мојот обичај е кога ќе дојдам во некоја странска земја да се јавам во нашата амбасада. Господинот Живаљевиќ е уредно и легално акредитиран претставник на нашата  БИА “.

Според информациите на НОВА ТВ Живаљевиќ и Стоиљковиќ биле оние кои ги организирале брифинзите, интервјуата и темите за Лазански. Овие активности и врските на македонскиот пратеник со српските разузнавачки служби биле „со цел да се влијае преку медиумска пропаганда врз дестабилизација на Македонија и долго време им биле познати и на македонските служби“, како што вели изворот.

Македонската врска и српската служба

Горан Живаљевиќ – долго време беше познат само во разузнавачките служби на Балканот, но излезе од анонимноста по крвавите протести во Собранието на 27. април. Разузнавачот на БИА, акредитиран како дипломат во српската амбасада во Скопје, со само едно селфи во Парламентот на крвавиот четврток ја разоткри целата македонско-српско-руска шема која роварела во земјава затскриена зад превезот на политичари, бизнисмени, новинари, разузнавачи и луѓе од подземјето.

Информациите укажуваат на тоа дека човек од доверба и најверен соработник на Живаљевиќ во Македонија е пратеникот од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и лидер на Демократската партија на Србите, Иван Стоиљковиќ.

Комуникацијата меѓу нив траела подолго време, а средбите се интензивирале во моменти на значајни политички и безбедносни настани во Македонија. Последниот таков настан е 27. април кога се случија насилните протести во Собранието, на кои според информациите на НОВА им претходела интензивна активност на сите соработници на Живаљевиќ во земјава.

Дневната работа на Живаљевиќ е во српската амбасада како офицер за врски со УБК и АР, но мисијата ја утврдува БИА.  Присуството на Горан Живаљевиќ во Македонија е задача од страна на српската разузнавачка агенција БИА со цел да ја дестабилизира Македонија, а делувал преку пратеникот и претседател на српската демократска странка Иван Стоилковиќ и член на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Неговото присуство во Македонија од страна на полицијата било забележано уште пролетта 2015 кога тој и други припандици на БИА доаѓале во Македонија на протестите на Шарената револуција. Во тоа време Живаљевиќ се уште не е акредитиран во српската амбасада во Македонија. Комуникацијата помеѓу Живаљевиќ и Стоиљковиќ имала длабоки корени во минатото.

„Живаљевиќ има цела мрежа на контакти со македонски бизнисмени, новинари, политичари и припадници на АР и УБК. Нивната соработка, а особено онаа со Стоиљковиќ, се интензивира во екот на политичката криза во Македонија по изборите во декември 2016“, вели изворот којшто своите тврдења пред новинарите ги поткрепи со факти.

„Стоиљковиќ и Живаљевиќ се среќаат интензивно во изминатите две години и во Скопје и во Белград каде што Стоиљковиќ се среќава и со лица блиски до Живаљевиќ, високи спрски функционери, агенти на БИА, луѓе од подземјето и бизнисмени. Негоите активности укажуваат и на сериозни и длабоки врски со БИА, но и сомнежи за контакти со руските тајни служби и политички кругови. Тој човек јасно е инструиран како да делува во Македонија согласно српските интереси“, вели изворот.

Антизападни сентименти

Неговата работа во последното сценарио поврзано со македонската политичка криза била да ја контролира медумската пропаганда и јавното мислење. Оваа кампања промовираше етнички тензии во Македонија преку неточните тврдења дека безбедноста во Македонија ќе биде загрозена и ќе се создаде Голема Албанија ако победи Заев.  Кампањата отворено го поддржуваше Груевски чии што јавни настапи и партиски соопштенија го делат истиот наратив, а се водеше и специјална војна против ЕУ, САД и НАТО како виновници за наводниот иден распад на Македонија кои што работат за албанската кауза. Овие поенти често коинцидираат  и со политичките ставови на Руското министерство за надорешни работи рефлектирано во официјалните соопштенија на руското МНР.

Стоилковиќ, според изворот во македонските служби е профилиран како пресметлива личност, српски националист, противник на евроатланските процеси во регинот и со про-руски  сентименти.

„Има релевантни сознанија поткрепени со докази за средби помеѓу Стоилковиќ и руски дипломати во Македонија во контекст на неговата политичка за руско влијание на Балканот, со цел отстранување на западните влијанија и откажување од евроатлантските интеграции“,  вели изворот. Непосредно пред носење на важни одлуки на владата или собранието на РМ во последните години Стоилковиќ ги информирал БИА и Живаљевиќ и добивал инструкции за тоа какви ставови да застапува пред владината коалиција водена од ВМРО-ДПМНЕ“, додава тој.

Стоиљковиќ одби да одговори на прашањата на НОВАТВ. На прашањето дали имал контакти со Живалевиќ тој рече: „ Ти кога одиш некаде со некого јас те прашувам ли? Сум те прашал ли со кого комуницираш, со кого се муваш, како не ти е срам, прашај ме нормално новинарско прашање, ме навредуваш“, вели Стоиљковиќ кој по ова веднаш ја спушти слушалката. Живаљевиќ, пак, одговори дека не е во можност веднаш да разговара со нас но би можел за 5 дена.

Живаљевиќ во Скопје, Вучиќ во негова одбрана

Српскиот претседател Александар Вучиќ по објавувањето на информацијата дека Живаљевиќ бил во парламентот за време на тепањето на опозицијата се стави во негова одбрана тврдејќи дека тоа било сосема вообичаена работа за еден офицер на БИА. Во сиот овој период иако српската влада не го поддржа јасно Груевски, српските медиуми кои важат за контролирани од владата на Србија ја водеа кампањата против македонската опозиција и Зоран Заев, како и против ЕУ, САД и НАТО.

Најголемиот дел од овие текстовите создадени во рамки пропагандната активност се објавувани во спрскиот портал „Информер“, а сите се преземани од македонскиот портал „Инфомакс“, покажа анализата на содржините на НОВАТВ на овие медиуми.  Овие два медиума отворено го поддржуваат рускиот претседател Владимир Путин. Самиот Мирослав Лазански во 2014 го интервјуираше Путин, а во Србија важи за про-руски ориентиран новинар кој што со години гради имиџ на воено-безбедносен експерт.

Анализата на профилите на социјалните мрежи на македонскиот пратеник Иван Стоиљковиќ недвосмислено ги потврдува неговите силни симпатии за Русија, но и за француската екстремна десничарка Мари Ле Пен, унгарецот Виктор Орбан и претседателот на САД, Доналд Трамп. На мрежите не ги крие неговите анти ЕУ и НАТО ставови и често споделува и лажни вести од анонимни портали.

Нашиот извор вели дека за активностите на Стоилковиќ и врските со српските служби во службите во РМ се знаело уште од 2013 година. Во тоа време шеф на УБК е Сашо Мијалков, братучедот на Никола Груевски. Стоиљковиќ за изборите во декември 2016 настапи со ВМРО-ДПМНЕ. Тој беше и претседател на собраниската комисија за врски со Руската федерација. Во јуни 2016 година присуствува во Москва во својство на претседател на Демократската партија на Србите во Македонија каде што ја потпишува „Декларацијата за формирање на неутрална воена територија на Балканот“ заедно со партијата од која доаѓа Путин, „Единтвена Русија“.

Руско влијание

Информациите до кои дојде НОВА укажуваат и на значително влијание на руските разузнавачки служби. Нивната активност е во контекст на попречување на евроатлантските интеграциски процеси на Македонија. Според анализите на разузнавачката заедница Руската Федерација преку нејзините разузнавачки структури користејќи ги средствата и методите на таканаречената „мека моќ“ има за цел да да ја реализира стратегијата на официјална Москва за изолирање на Балканот од влијанијата на ЕУ и НАТО. Информациите до кои дојде НОВА укажуваат на зголемено руско присуство во Македонија чија цел е остварување на примерните интереси на Руската федерација за враќање на нејзината улога на Балканот со цел да обезбеди баланс на доминацијата на НАТО во овој регион. Рускиот амбасадор во ЕУ Владимир Чизов неодамна во Брисел пред група новинари изјави дека неговата земја може да и понуди на Македонија, на Западниот Балкан и на секоја друга земја, алтернатива за евроатлантските интеграции.

Како што дознава НОВА ТВ, минатиот месец висок руски дипломат на претставници на македонските власти им пренел дека Москва е подготвена да поддржи создавање на неутрална воена зона на Балканот, таканаречена „Зона Б4“ во која би биле вклучени Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија. Рускиот висок дипломат оваа иницијатива ја оправдувал како можност за земјите од регионот да заштедат пари, 2% од буџетот кои инаку би требало да се платат доколку овие држави се зачленат во НАТО. Истиот руски дипломат како алтернатива за ЕУ на Македонија и понудил членство во Евроазиската економска унија во која членуваат Руската Федерација, Белорусија, Киргистан , Ерменија и Казакстан.

„Словенската азбука и литература ни дојдоа од македонска почва“, изјави рускиот претседател Владимир Путин при средбата со претседателот Иванов во текот на посетата на македонскиот претседател на Москва.

Од аспект на руско-верското влијание во Македонија активности на руската дипломатија го потенцираат словенскиот идентитет и религија при што тие активности имаат изразена панславјанска реторика чија цел е реализирање на таканаречениот панславјански сојуз меѓу Македонија, Србија и Грција.

Во овој контекст посебно се забележува активноста на српскиот „Информер“ и македонскиот „Инфомакс“ кои речиси секојдневно објавуваат текстови и коментари со афирмативни содржини за руската политика.

Ги поздравувам напорите за формирање на Балкански сојуз на воено неутрални држави, кој е важен за безбедноста на целиот Балкан и Европа. Тоа е главниот пат за сочувување на мирот во регионот.“ …“изјави заменикот генералниот секретар на руската владеачка партија Сергеј Железњак“ јавува „Информер“ чиј написи редовно се пренесуваат во македонскиот „Инфомакс“ . Во овој контекст се и бројните коментари објавени во овие медиуми.

Во врска со руското влијание во Македонија, мандатарот Зоран Заев неодамна за „Еуроњус“ ја деде следнава изјава:

“Со едно зголемено кадровско присуство овде и со неколкуте соопштенија на министерот на Руската федерација и активностите на нивната амбасада овде влијанието веќе се чувствува . Постои тренд на опаѓање на поддршката на граѓаните за ЕУ и НАТО. Процентот на падот на подршката е многу мал но е видлив . Мислам дека ако се остави вакакако што беше случај во минатото со тој низок интерес на ЕУ и САД за овој регион, Руската федерација ке има сепоголем простор да наметнува свои интереси” изјави мандатарот Заев.

Уреднички коментар: Императив на нашата професија е да го штитиме јавниот интерес. Во оваа функција со Вас споделуваме информации кои сметаме дека се важни за Вас како наши читатели од кои големото мнозинство перспективите на нашата земја ги гледа во евроатлантските интеграциони процеси. Членството во ЕУ и НАТО го поддржуваат речиси 80% од нас кои живееме во Македонија. Ова наше истражување има за цел да предупреди дека постојат сериозни тенденции чија цел е да ја спречат реализацијата на нашите евроатлантски аспирации верификувани во парламентот со консензус на сите парламентарни и вонпарламентарни партии во меѓунардоните договори како Актот за стабилизација и асоцијација и Пристапувањето кон пактот за партнерство за мир – НАТО.  

Ова истражување е изработено со партнерство со Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP) и нивните партнери во Србија Крик.



Comments are closed.