„Никогаш не се повлекувам пред предизвик. Без двоумење ја прифатив понудата на Федерацијата да бидам селектор. Можев да одбијам, да пијам сок на некоја плажа во Дубаи, но не. Одиме чекор по чекор. Прво да минеме во претквалификациите“, изјави новиот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Јорданчо Давитков (53).
Македонската кошаркарска федерација (МКФ) денеска обзнани дека е ставен крај на сагата за кормилото на „црвено-жолтите“. Откако пропадна преговорите со неколку домашни и странски опции во изминатиот период, постигнат е договор со човекот кој го предодеше националниот тим од 2001 година до 2007 година.
Како негов најголем успех во претходниот мандат се препишува пласман во европската А дивизија во 2005 година. По неколку неуспешни квалификациски циклуси за пласман европските првенства, тој ја отстапи позицијата за десет години подоцна повторно да се врати. Пред него, сега, е тешка задача во чија основа е враќање на репрезентацијата на место што ѝ припаѓа.
„Репрезентацијата е многу променета од тоа време, но ги познавам речиси сите играчи. Прво треба да се зафатиме со составување на екипата, потоа да ја вратиме атмосферата и хемијата што беше пред десет години и напорно да работиме. Сигурен сум дека резултатите нема да изостанат ако ги реализираме овие три работи“, додаде наследникот на Драган Раца кој доби отказ по дебаклот во последниот циклус за ЕП 2016.
Давитков се надева дека во најкусо време ќе бидат прецизирани и неговите соработници во стручниот штаб.
Неговата професонална играчка кариера траеше 20 години од кои најголем дел (18) мина во Работнички. Има седум титули во македонсското првенство и пет во Купот. Беше дел од младата репрезентација на Југославија и прв капитен на македонската по осамостојување на државата.
Како тренер се поврзува со четири клуба во периодот од 2000 година до 2008 година. Работеше во Николферт, во Струмица 2005, во Балкан Стил и во Работнички со кои има ппо четири првенствени и куп трофеи. Трипати беше прогласуван за најдобар менаџер на годината (2004, 2005, 2006).
Првиот тренерски ангажман во странство го имаше во исландскиот тим Снафел. Потоа продолжи во Кувајт каде покрај водење на екипата на Кадсиа беше и селектор на репрезентацијата со која освои бронзен медал на Игрите на Заливот во Бахреин во 2011 година.