Гонзало Игуаин го трасира патот на Јувентус кон финалето во фудалската Лига на шампиони во Кардиф. Аргентинецот ги постигна двата гола за италијанскиот првак во победата над Монако на „Луј Втори“ со 2:0 во воведните 90 минути од полуфиналниот двомеч.
„Старата дама“ се наметна уште од самиот почеток во Кнежевството. Го намами противникот во сопствената машина во која ретко која екипа успеала да излезе со крената глава. А, кога ги наметна и своите правила на игра го направи натпреварот во рутина за себе. Францускиот претставник кој има одлична сезона зад себе во елитното фудбалско друштво на стариот континент и притоа ги елиминира еден Манчестер сити и Борусија Дортмунд, вечерва се претвори во сенка на тимот што освојуваше со атрактивен фудбал.
https://www.youtube.com/watch?v=v8Hs0OJWbeg
Два лика излегоа на површина во вечерашниот меч во Монако. Покрај Игуаин, внимание кон себе привлече и Дани Алвеш. Бразилецот се јави како асистент при двете реализации на Аргентинецот во 29 минута и во 59. за отстранување на сите дилеми за евентуално враќање на домашната екипа. Составот на Леонардо Жардим покажа иницијатива, но оној на Масимилијано Алегри покажа и како треба да се справи со предизвикот и притисокот.
Реваншот што наликува на формален е за шест дена на „Јуве арена“ во Торино.