Фудбалерите на Челзи ставија печат на шампионската титула во Премиерлигата. „Сините“ го сторија тоа на својот „Стемфорд бриџ“ со победа на Вотфорд со 4:3 во заостанатиот натпревар од 28 коло во сезоната.
Антонио Конте одмораше голем дел од стандардните првотимци. Во стартниот тим ги немаше Тибо Куртоа, Диего Коста, Немања Матиќ… Дел од нив беа на клупата, дел, пак, воопшто ги немаше во официјалниот протокол. На теренот ги предводеше Џон Тери кој веројатно го забележа претпоследниот настап за екипата од Лондон.
Капитенот беше еден од четворицата егзекутори за Челзи, но истовремено имаше и свој удел во едн од трите капитулации на Беговиќ. Најпрво ја затресе противничката мрежа во 22 минута за две минути подоцна да погреши при додавање и му сервира подарок на Капу што Французинот го претвори во израмнување.
Предноста на новиот англиски првак ја врати Аспиликуета во 36 минута, до крајот реализираа уште Бачуаи во 49 минута и Сеск Фабрегас во 88. Покрај Капу, стрелци за гостите од „Викариџ роуд“ беа и Јанмат во 51 минута и Окака во 74.

За Челзи ова е 29 триумф во сезоната, Вотфорд, пак, го доживеа 19 пораз, петти во низа, но составот на Валтер Мацари веќе обезбеди опстанок во елитната конкуренција за наредната натпреварувачка сезона. Во Чемпионшип се селат Хал, Мидлсборо и Сандеренд.
Дилемите што преостануваат се однесуваат на позициите три, четири и пет. Третата што носи директен пласман во групната фаза во Лигата на шампиони, на коло до крајот, ја држи Ливерпул со 73 бода меѓутоа нештата не зависат само од „црвените“ кои во недела се домаќини на Мидлсборо. Само бод помалку од нив има Манчестер сити кој најпрво вечерва на „Етихад“ ќе ја одигра заостанатата средба со ВБА од 34 рунда, а во последната, викендот, му гостуваат на Вотфорд.
Петти е Арсенал со 69 бода, но и „топчиите“ со свој есап влегуваат во финишот на сезоната. И тие, како и „граѓаните“ на Гвардиола, имаат уште 180 минути. Вечерва на „Емирати“ го дочекуваат Сандерленд во поместен натпревар од 34 коло по што во недела попладне и Евертон.