Фудбалерите на Јувентус го затворија прашањето за шампионската титула во Серија А. На коло до крајот го осигураа шестото Скудето во низа, вкупно 33. во клупската историја, иако во Торино сметаат на 35 вклучувајќи ги и двете што им беа одземени во „Калчополи“ аферата.
Печат на вториот трофеј во сезоната, по неодамна освоениот Куп на Италија, „бјанконерите“ ставија со убедлив триумф над Кротоне со 3:0. Шанса за трет ќе имаат на 3 јуни во Кардиф против Реал Мадрид во финалето на Лигата на шампиони.
Марио Манџукиќ во 12 минута, Пауло Дибала во 39. и Алекс Сандро во 83. беа потписници на 28 радост во првенството на „старата дама“.

Ако Јувентус го бетонира Скудетото, Џенова го бетонира опстанокот. Тимот на Горан Пандев освои три бода на домашен терен против Торино (2:1) со кои избегна опасност од преселба во Серија Б. Капитенот на македонската репрезентација го почна мечот од клупата и во игра влезе во 60. при резултат што беше и конечен.
Милан ја победи Болоња на „Сан Сиро“ со 3:0 за заверка на шестата позиција на табелата што носи учество во квалификациите за Лига Европа.
Серија А – 37 коло
Јувентус – Кротоне 3:0
Џенова – Торино 2:1
Милан – Болоња 3:0
Сасуоло – Калјари 6:2
Удинезе – Сампдорија 1:1
Емполи – Аталанта 0:1
Киево – Рома 3:5
Наполи – Фиорентина 4:1
Лацио – Интер (вечерва, 20.45 ч.)
Пескара – Палермо (понеделник, 20.45 ч.)
Табела: Јувентус 88, Рома 84, Наполи 83, Лацио 70 (-1), Аталанта 69, Милан 63, Фиорентина 59, Интер 56 (-1), Торино 50, Сампдорија 48, Сасуоло 46, Удинезе 45, Калјари 44, Киево 43, Болоња 41, Џенова 36, Емполи 32, Кротоне 31, Палермо 23, Пескара 14.