Тргнува новата сезона во Лига Европа. По дуелите од воведното коло во Лигата на шампиони, денешниот ден е резервиран за средби во второто, по ранг, натпреварување на УЕФА што значи и нови обиди на македонските клубови за пласман во групната фаза. Македонија и оваа сезона, како и секоја претходна, ќе има три претставника во Шкендија (вицешампион), Работнички (третопласиран во првенството) и Пелистер (освојувач на националниот Куп).

Први на терен ќе излезат тетовските „црвено-црни“ кои од 18 часот на стадионот „Младост“ во Струмица ќе бидат домаќини на молдавска Дачија. Од 20,30 часот во Сан Марино, дебармаалци ќе гостуваат на тимот на Тре Пене, а битолчани од 20,45 часот ќе се пресметаат со полски Лех во Познањ.
„Во мечот влегуваме со респект за Дачија, но и верба во сопствениот потенцијал. Ова е само прво полувреме од двомечот и сигурно дека ништо нема да биде решено денеска. Победата, секако, е наша желба како и секогаш и против секого за што помирен резултат во Молдавија. Знаеме дека нема лесни противници во Европа и подготвени сме за предизвикот. Веруваме во нас, веруваме дека можеме до поволен резултат, веруваме дека можеме до второто коло“, порачува капитенот на Шкендија и македонски репрезентативец, Ферхан Хасани.

Работнички во ждрепката, барем на хартија, доби најлесен противник. Единствен беше и меѓу носителите, но дебармаалци потенцираат оти нема да дозволат опуштање од фактот дека играат против клуб од Сан Марино. Напротив. Ја прифаќаат улогата на фаворити и порачуваат дека треба и да ја оправдаат на стадионот „Серавале“.
„Елиминација на Тре Пене. Тоа е нашата мисија што на сите нѝ е кристално јасна. Немаме намера да се опуштиме без разлика што наспроти нас ќе имаме противник од Сан Марино. Респектираме секого, па и нашите вечерашни домаќини бидејќи знаеме дека нема лесни ривали и мечеви во Европа во денешно време. Дојдовме овде со намера да наметнеме наш стил на игра што ќе значи победа и успех во двомечот“, истакна Душко Трајчевски, капитен на Работнички, пред вечерашниот натпревар со Тре Пене.

Најтешка задача доби Пелистер кој се враќа на европската сцена по пауза од осум години кога за последен пат играа во квалификациите за тогашниот Куп на УЕФА. Битолчани во Нион го добија Лех Познањ, седумкратен првак на Полска, чиј дрес во минатото го носеле голем број одлични фудбалери како Анреј Јусковјак и Роберт Левандовски. Противникот е фаворит во двомечот, но пелистерци, пак, од друга страна нема што да загубат во намерата за активен резултат за реваншот во Струмица наредната недела и пораката од нив е дека максимално ќе се заложат да избегнат елиминација уште во првото коло.