Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју вечерва еден по еден ги елаборираше и објаснуваше сите случаи во кои е обвинет од Специјалното јавно обвинителство.Тврди дека не е виновен во ниту еден, туку дека се работи за политички прогон.
„Планот е да не затрупаат со празни обвиненија, без докази. Да се внесе сомнеж кај народот дека ние навистина сме работеле криминално. Ние не сме работеле криминално и затоа обвиненијата СЈО ги поднесе последниот ден, зошто до последно се трудеа нешто да закрпат, да напишат, да најдат сведок кој лажно ќе сведочи, да го заплашат и да направат конструкција дека сме виновни, односно да им личиме на луѓето дека сме виновни“, изјави Груевски.
Тој рече дека кривичниот прогон го очекувал, зошто целта на СДСМ преку СЈО му била да го заслабне ВМРО-ДПМНЕ, а Груевски да го отстрани од партијата. Во целата хајка, според Груевски, стоеле и некои надворешни центри, но не сакаше да открие на кои мисли.
За случајот „Титаник“, во кој Груевски е обвинет за криминални избори во изминатите неколку циклуси, рече дека тој предмет се темели на една единствена изјава против него.
„Тоа е изјавата на Заев каде вели дека смета дека на тие избори имало многу неправилности. Тој е единствениот сведок против мене, за целиот „Титаник“. Заев е сведокот кој против мене нешто зборува“, рече Никола Груевски.
За случајот „Траекторија“ за злоупотреба на 150 милиони евра пари од Буџетот при изградба на автопатите, Груевски рече:
„Никакви пари не сум земал. Тоа се државни фирми, компании, ни на памет не ми паднало такво нешто. Значи, во овој случај ме обвинуваат дека наградата која ќе сум ја добиел ако се изградат патиштата, би бил поголем политички рејтинг“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Случајот „Тенк“, го нарече еден од најсмешните. Според него, набавката на безбедносен блиндиран автомобил од 600.000 евра било неопходно за Република Македонија да може да пречека висока странска делегација, чии безбедносни протоколи не ги одобрувале старите автомобили што ги имала државата и биле изнајмувани блиндирани автомобили од странство. Појасни дека постојните стари возила често се расипувале при што нивната поправка чинела повеќе отколку набавката ново возило.
„Јас до последен момент како Премиер се возев во старото блиндирано возило, освен кога одев на пат. Спорното возило се набави од Министерството за внатрешни работи со примарна цел во него да се возат високите странски високи делегации што доаѓаа во Македонија, за да не изнајмуваме возила од други држави. Единствен случај што сум го користел јас или некој друг министер е кога се одеше на пат за да се избегне опасноста старото возило да се расипе“ објасни Груевски.
Никола Груевски ова интервју во даде во пресрет на одлуките на Апелациониот суд, кој треба да одлучи по жалбите на СЈО кое бара притвор за челниците на ВМРО-ДПМНЕ.