Македонија го освои 13. место на Европското првенство (Б дивизија) за кошаркари до 20 години чиј домаќин беше Романија. „Црвено-жолтите“ по вторпат на турнирот ја поразија Албанија, овојпат во основниот дел со 71:65 (по четвртини: 7:15, 26:16, 16:21, 22:13) за разлика од пресметката во групната фаза што беше решена по продолженија со 62:54.
Виктор Ефремовски беше убедливо најефикасен играч на паркетот во „Економик Колеџ“ во Орадеа. Членот на Работнички беше незапирлив за западниот сосед и мечот го заврши со 30 поени (8/8 слободни фрлања, 2/5 за два, 6/10 за тројка), по 14 коша уфрлија неговиот клупски колега Андреј Маслинко и вардарецот Дамјан Робев. Лидер во албанската селекција беше Даниел Лекндреај со 17 поени.
Македонскиот национален тим го заврши настапот на годинашното ЕП со четири победи и три порази. Покрај двете над Албанија, избраниците на Мирче Петрески беа подобри и од Малта (99:60) во групата Ц и од Белорусија (62:58) во разигрувањето за пласман од 13 – 16 место, а загубија од Грузија (48:78), од Романија (63:68) и од Косово (64:66).
Прогрес во европската А дивизија за кошаркари до 20 години обезбедија финалистите Романија и Хрватска како и Велика Британија која славеше над Русија со 81:65 во натпревар за третото место.
ЕП во кошарка (У20) – Б дивизија/Орадеа, Романија
Финале: Хрватска – Романија (19,30 ч.)
За 3 место: В. Британија – Русија 81:65
За 5 место: Полска – Белгија 76:57
За 7 место: Грузија – Португалија 61:53
За 9 место: Финска – Холандија 85:66
За 11 место: Унгарија – Косово 78:53
За 13 место: Албанија – Македонија 65:71
За 15 место: Словачка – Белорусија 61:92
За 17 место: Ерменија – Р. Ирска 96:75
За 19 место: Азербејџан – Малта 88:63