Без Ардијан Цуцули во одбраната, без Штефан Вујчиќ во дефанзивниот дел на средниот ред и без Стениор Жуниор во нападот, фудбалерите на Шкендија ќе се обидат до резултат против Тракаи за реприза на ланскиот успех и ново учество во плеј-офот за Лига Европа (ЛЕ). Реваншот на „Младост“ во Струмица е денеска од 17 часот, Литванците допатуваа со предност од 2:1 од првата средба во Вилнус.
„Пред нас имаме тешка задача, но не и неизводлива. Велам тешка бидејќи ќе недостасуваат Цуцули, Вујчиќ и Жуниор. Меѓутоа Тракаи не е екипа што е непобедлива. Не се сомневам дека играчите што ќе бидат замена за тројцата отсутни ќе бидат на ниво како впрочем и сите останати што ќе добијат шанса. Грешките од првиот меч се воочени, се надевам дека ќе одиграме добро за резултат што ќе значи и нов настап во плеј-офот. Тоа е нашата цел“, порача Ќатип Османи, тренер на Шкендија.
Доколку тетовци успеат да ја минат и оваа пречка, тогаш Македонија за првпат ќе има два претставника во плеј-оф фаза во некое од натпреварувањата на УЕФА. Во ЛЕ продолжува Вардар по елиминацијата од Копенхаген во Лигата на шампиони, јавноста очекува друштво во утрешната ждрепка да му прави и македонскиот вицепрвак.
„Цврсто сме решени да продолжиме во плеј-офот. Силно го посакуваме и се надеваме дека нема да согориме во желбата. И покрај пеховите во Вилнус, сепак, имаме резултат кој ни дава надеж дека може ќе останеме на меѓународната сцена. Нема да биде лесно, но исто така не е ниту невозможно. Сигурен сум ако одиграме како што знаеме, целта ќе биде реализирана“, истакна Арменд Алими во најавата за реваншот со Тракаи.
Шкендија по третпат ќе биде домаќин на „Младост“ во Струмица во ова лето. Тетовските „црвено-црни“ немаат пораз, а притоа покажаа и завидна ефикасност. Со 3:0 ја совладаа молдавска Дачија во првиот меч од првото коло, со 3:1 го „решија“ и Хелсинки во првиот меч од втората рунда. Попладнево за првпат ќе бидат во ситуација да бркаат резултат, тест што се убедени дека може да го положат.
„Мој заклучок по првиот меч е дека Шкендија има подобар тим од Тракаи. Покрај двата црвени картона, во Литванија направивме и одреден број на грешки што не смееме да ги повториме во реваншот. Плеј-офот во Лига Европа е цел кон која сме целосно насочени и верувам дека можеме да ја оствариме“, коментира Ферхан Хасани, капитен на Шкендија.
Лига Европа/квалификации/3 коло/реванш мечеви
Динамо Минск – АЕК Ларнака (0:2)
Шкендија – Тракаи (1:2)
Одд Гренланд – Динамо Загреб (1:2)
Аполон – Абердин (1:2)
Габала – Панатинаикос (0:1)
Олександрија – Астра (0:0)
Спарта Прага – Црвена звезда (0:2)
Видеотон – Бордо (1:2)
Зенит Санкт Петербург – Бнеи Јехуда (2:0)
Фенербахче – Штурм (2:1)
Фола – Естерсундс (0:1)
Лингби – Краснодар (1:2)
Маритимо – Ботев Пловдив (0:0)
ПАОК – Олимпик Доњецк (1:1)
Скендербег – Млада Болеслав (1:2)
Лех Познањ – Утрехт (0:0)
Алтах – Гент (1:1)
Хајдук – Брондби (0:0)
Митјиланд – Арка Гдиња (2:3)
Милан – Крајова (1:0)
Атлетик Билбао – Динамо Букурешт (1:1)
Остенде – Олимпик Марсеј (2:4)
Осиек – ПСВ Ајндховен (1:0)
Ружомберок – Евертон (0:1)
Паниониос – Макаби Тел Авив (0:1)
Домжале – Фрајбург (0:1)
Брага – АИК Стокхолм (1:1)
Во загради се резултати од првите мечеви