Словенија ја совлада Полска со 90:81 во премиерниот меч на 40. Европско првенство (ЕП) во кошарка во машка конкуренција. „Змајчеки“ го имаа главниот збор во „Хартвал арена“ во Хелсинки и од почеток до крај ја контролираа играта, го диктираа ритамот и постојано беа во водство за очекувана и заслужена победа на крајот.
Полјаците беа раноправни партнери на теренот само во воведните 10 минути што ги завршија со минус два (24:22). Веќе во наредната четвртина се доведоа во ситуација да бркаат голем резултатски дефицит што на полувреме, сепак, успеаја да заминат со поднослив заостаток од седум поени (53:46).
Словенија, по враќање на терен, додаде гас, го доби третиот период со +12 (21:12) за вкупни + 16 (74:58) и осигурување на првите бодови во групата А. Завршните десет минути ги одиграа со осцилации, веројанто поради убедливата предноста, па сведување на поразот на едноцифрена разлика е се што Полска успеа да стори до истекот на 40 минута.
Горан Драгич беше централна фигура во средбата. Кошаркарот на Мајами забележа 30 поени, четири асистенции и 3 украдени топки и беше лидер во словенечкиот состав во победничкиот вовед на ЕП. Поддршка имаше во Лука Дончич и Гашпер Видмар кои постигнаа по 11 поени, Клемен Препелич додаде 10. Одлична работа под кошевите заврши Ентони Рендолф кој впиша 10 скока (1 офанзивен, 9 дефанзивни). Матеуш Понитка со 22 коша беше прв стрелец во полската селекција.
Првото коло во групата А ќе биде комплетирано со дуелите Исланд – Грција (15,30 ч.) и Франција – Финска (19 ч.).