Спасувачките екипите во Мексико продолжуваат да ги извлекуваат преживеаните од под урнатините, што ги остави земјотресото што во вторникот ја погоди оваа држава со јачина од 7,1 степен, во кој досега загинаа 286 лица, од кои само 148 во главниот град Мексико сити.
Денеска е петтиот ден од почетокот на спасувачката операција, а градските власти соопштија дека од вторникот досега се спасени вкупно 60 лица, пренесе АП.
Приказната за девојчето херој
Мексиканците неколку дена биле целосно преокупирани со судбината на девојчето со име Фрида Софија, жива заробена под урнатините на училиштето, во кое 21 дете загинаа, а 30 тина беа исчезнати.
За френетичната трка со времето за извлекување на девојчето од под урнатините на основното училиште, каде веќе беше потврдено дека загинале 20 деца, пишуваа и домашните и светските медиуми. Но приказната за девојчето херој, преку ноќ доби необичен пресврт: Фрида Софија никогаш не постоела!
Девојче со такво име воопшто не било запишано во училиштето, а родителите, кои според медиумите чекале во непосрдна близина на остатоците, никогаш не биле пронајдени.
Како започна…
Неколку весници и мексиканската телевизија Телевиса која единствена имаше пристап до операцијата во училиштето објавија охрабрувачка вест дека спасувачите воспоставиле комуникација со девојче, кое прво само со мрдање на прстите потврдила дека е жива, а потоа наводно им кажала дека во близина има уште двајца ученици, но не знаела дали се живи.
Но, сите надежи дека Мексико ќе го има херојот на денот пропаднаа кога во четвртокот напладне мексиканската морнарица, чии спасувачи биле задолжени за таа локација, објави дека нема никакви знаци дека под урнатините на училиштето.
-Сите деца се на број, за жал или мртви, или безбедни во своите домови, изјави државниот потсекретар на морнарицата, Анхел Енрике Сармиенто, додавајќи дека владата никогаш немала сознанија за девојчето кое наводно било живо заробено под урнатините.
Но, тука не е крајот. За неколку часа приказната добива нов расплет, откако истиот тој Сармиенто повторно се појави пред камерите, со спротивставена изјава на претхдната, односно дека “морнарицата сепак имале извештај за девојче под урнатините, врз основа на сведочењето на спасувачите”.
-Им се извинувам на Мексиканците што претходно им реков дека морнарицата немала никакви сознанија за малолетничката која ја преживеала трагедијата, изјави Сармиенто.
На крајот, сепак била потврдена првата верзија: Фрида Софија никогаш не постоела, а наводното мрдање на прстите кое спасувачите го виделе било само илузија.
Според објаснувањата, и покрај целата технологија донесена до урнатините во училиштето, вклучувајќи и термални камери, сензори и скенери, грешката веројатно се случила поради преголемата желба на спасувачите да пронајдат некој жив под бетонските блокови..
-Мислам дека немало злобна намера, вели аналитичарот Алехандро Хоуп. “Тие сакале да веруваат дека таму некаде уште има живи деца”.
Измислената приказна за детето херој Фрида Софија предизвика бес во јавноста. На социјалните мрежи беше поставен хаштагот #Fake News, дека медиумското внимание на овој случај го одвлекло вниманието од вистинските акции за спасување на други локации.
Во Мексико Сити урнати се 181 зграда
Бројот на урнатите згради во земјотресот што во вторникот го погоди Мексико со јачина од 7.1 достигна 181, објави ДПА.
Цитирајќи извори од општинската власт, мексиканскиот весник Реформа ги објави овие ажурирани податоци.
Досега, според официјалните информации, целосно се уништени 38 згради. Покрај оние објекти каде е предизвикана непоправлива штета, многу други објекти се во опасност да паднат или да се урнат. Повеќе од 3.800 згради во мексиканската престолнина претрпеле штета.