Вчера на затворањето индискиот Јагран филм фестивал во Мумбај, во центарот на Боливуд, долгометражниот игран филм „Златна петорка“ на Горан Тренчовски во продукција на Револушн од Скопје, ја освои Наградата за најдобар странски филм, а режисерот Тренчовски имаше обраќање со видеопорака.
Јагран филм фестивал, моментно е најпосетениот филмски фестивал во Јужна Азија и се одржуваше во 16 градови во Индија.
Во петокот, се случи американската премиера на овој филм во официјалната програма на 36-то издание на Интернационалниот филмски фестивал во Њу Џерси.
Филмот беше поздравен со долготраен аплауз, а режисерот одговараше на прашања на публиката. На премиерата, меѓу другите, присуствуваа и бројни претставници од американската филмска индустрија, како и од македонската заедница во САД.
Филмот „Златна петорка“ наскоро ќе учествува и на фестивали во Варшава, Санкт Петербург, Брно, Софија и Нови Сад, а странски дистрибутери се заинтересирани за правата за прикажување во Америка, Европа и Азија.
Филмот досега е селектиран на над 20 фестивали, освои шест интернационални награди и е најгледан македонски филм изминатата сезона.