Крајно време е за дијалог помеѓу Мадрид и Барселона, изјави денес потпретседателот на Европската комисија (ЕК) Франс Тимерманс.
Изјавата дојде за време на дебатата посветена на каталонската криза што се одржа во Европскиот парламент (ЕП). Тимерманс смета дека “крајно време за дијалог” со “почит на Уставот” на Шпанија за да се реши сериозната политичка криза во Каталонија.
“Крајно време е за дијалог, за разговор, за барање излез од слепата улица и за работа во рамките на уставниот поредок на Шпанија. Време е да се најде заеднички договор за да се оди напред”, изјави Тимерманс.
Тој инсистираше на важноста на правната држава во сите земји членки на ЕУ и му даде поддршка на шпанскиот премиер Мариано Рајох.
“Задачата да се почитува и брани правната држава може понекогаш да бара пропорционална употреба на сила”, изјави тој и ги спомена сцените на насилство што се случија на 1 октомври во Каталонија кога шапнската полиција со сила се обиде да го спречи одржувањето на референдумот за независност.
Претседателот на ЕП Антонио Тајани заклучи, на крајот на дебатата, дека “историјата на ЕУ не учи дека во демократија единствен пат напред е заедничката работа за да се постигнеме хармонија и единство”.
“Никој не го потценува она што се случи во неделата. Сепак, унилатерални одлуки, како прогласување независност во суверена држава, е спротивно на европскиот законски поредок и може да доведе до опасни поделби”, заклучи Тајани.
Дебатата во ЕП со одржа по долго колебање и преговарање помеѓу политичките пратенички групи а на барање на левите партии и Групата на зелените на кои им се придружија групата на либералите (АЛДЕ) и Партијата на социјалисти и демократи (ПСД). Најголемита европски политички групи – Европската народната партија (ЕНП) и Партијата на социјалисти и демократи (ПСД) се согласија на оваа дебата по сцените на насилство во Каталонија за време на референдумот.
Дебатата исто така дозволи ЕК да го каже својот став откако долго молчеше на оваа тема.
Сега се очекуваат одговорите на Мадрид и Барселона: дали Каталонија навистина ќе прогласи независност како што најави нејзината регионална влада и дали Мадрид позитивно ќе одговори на поканите за дијалог со Каталонија.