НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Пола година по крвавиот четврток само една затворска казна

0
By Нова ТВ on October 18, 2017 ПОЛИТИКА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
  1. Половина година помина од крвавиот напад што се случи на 27 април во македонското Собрание, кога пратеници и новинари беа тепани од граѓани на Македонија кои веруваа дека новата власт сака да ја подели и да ја федерализира државата.

Досега пред судот се изведени насилниците, односно само оние кои на достапните снимки јасно се гледа дека тепаат, додека за организаторите-инспиратори на целото насилство и за пратениците кои го пуштија разбеснатиот народ во Собранието, засега нема отворено ниту една судска постапка.

Во упадот во Собранието беа повредени пратеници, новинари, но и демократијата на една кревка држава која со години стои пред портите на Европската унија и бара влез во европското семејство.

Нападот во Собранието се случи додека актуелното владејачко мнозинство се обидуваше да избере нов претседател на Собранието. Неколку недели претходно, поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ , поттикнати од говорот на омраза на Никола Груевски – претседателот на партијата, протестираа пред Законодавниот дом, за да искажат незадоволство поради формирањето на новата владина коалиција.

МНОГУ ПРАШАЊА ОСТАНАА НЕОДГОВОРЕНИ ПОРАДИ КЛАСИФИЦИРАНИ ИНФОРМАЦИИ

Народот во Собранието влегуваше во неколку групи, но додека се уште траеше прес-конференцијата на новоизбраниот претседател на Собранието – Талат Џафери и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најголем дел од новинарите беа во салата каде што се одржуваат прес-конференциите на пратениците.

„Откако на телевизорот кој се наоѓа во салата видовме дека народот се обидува да влезе во Собранието, ја напуштив прес-конференцијата и излегов надвор да видам што се случува. Пред вратата на Прес-центарот стоеше дел од собраниското обезбедување, и неколкумина од обезбедувањето на Заев и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тие се туркаа и се обидуваа да спречат десетина души да влезат во прес-салата. Немаше друг народ, само овие лица“, вели еден од новинарите кои ги следеа собраниските настани.

Очигледно беше дека овие лица не влегле заедно со останатата толпа. Затоа што ако целата толпа влезеше наеднаш, никој немаше да може да ги задржи пред влезот на Прес-центарот.

Полиција немаше освен собраниското обезбедување, немаше кој да интервенира, вели нашиот соговорник.

Но, кој ги пуштил овие лица да влезат и од која страна влегле во Собранието се уште не се знае- полицијата не даде одговор на овие прашања, а според јавно достапните снимки на кои се гледа како неколкумина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги отвораат вратите, се гледа како цела толпа нагрнува во Собранието. Што значи дека овие неколку лица биле пуштени посебно да влезат во Законодавниот дом, пред да им бидат отворени вратите на останатите.

„Она што се случуваше пред Прес-центарот беше во најмала рака вознемирувачко. Најпрво десетина лица со качулки и маски на главите насилно влетаа во холот и почнаа да се закануваат на обезбедувањето, да кршат врати и да се туркаат за да влезат во просторијата каде што се наоѓаше лидерот на СДСМ.

Лице од обезбедувањето со пиштол се обиде да го заштити просторот околу пратениците и да ги растера демонстрантите. Еден од вработените во собраниското обезбедување беше повреден, откако демонстрантите неколку пати го турнаа на земја“, велат новинарите кои во тоа време се нашле пред прес- салата.

Меѓу лицата кои први влегоа во Прес-центарот беше и Игор Југ. Тој е водач на здружението „Владо Черноземски“ од Куманово кое беше дел од патриотскиот фронт. Пред настаните во Собранието, фронтот упати декларација до јавноста дека се против начинот на работата во македонскиот парламент и се заканија со други мерки.

Југ  сега се наоѓа во притвор, а како што во интервју за српска телевизија рече српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ, кој на 27 април беше во Собранието, токму Југ требал да го убие лидерот на СДСМ.

На видеата од Прес-центарот може да се види дека Југ за време на целиот настан ја држи раката зад грб, што според некои неофицијални информации, тој имал пиштол со него. На едно од видеата до кои дојдоа новинарите на НОВА ТВ може да се види дека лицата кои први влегуваат во Собранието доаѓаат од посебна страна на Градскиот трговски центар и дека не се заедно со останатата толпа која веќе е собрана пред Собранието.

Од македонската полиција за овие прашања нема одговор. На јавноста и понуди оскудни информации, а извештајот од посебната работна група која работеше на расветлување на овие настани го класифицираа и го направија недостапен за новинарите и граѓаните.

ПОЛИЦИЈАТА ПРИСТИГНА ОТКАКО ТЕПАЊЕТО ЗАВРШИ

Демонстрантите со шипки и столици удираа по пратениците и новинарите. Нападите беа против пратениците од СДСМ, при што лидерот Зоран Заев заврши со раскрвавено чело, а пратениците Максим Димитриески, Дамјан Манчевски и Радмила Шекеринска имаа видливи повреди на главата.

Најтешко повреден беше пратеникот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, кој имаше отоци на мозокот од повредите и ударите што ги доби од демонстрантите кои го влечеа низ собраниските ходници.

Во и околу Собранието имаше едвај 50 полицајци и тие не ги спречија насилниците. Демонстрантите слободно шетаа, се сликаа, кршеа, пееја, тепаа и се закануваа на пратениците и новинарите. Дел од полицајците пријателски им се обраќаа на насилниците и се поздравуваа со нив.

Првата вистинска реакција на полицијата беше околу 22  часот кога специјалци се појавија од внатрешноста на Собранието и почнаа да ги туркаат демонстрантите надвор од собраниските ходници.

Возила со специјалци почнаа да пристигнуваат дури откако пратениците веќе беа повредени. Лошата реакција на полицијата ја призна и тогашниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, кој најави дека ќе побара одговорност од сите ангажирани во Оперативниот штаб, затоа што полицијата не реагирала на време.

„Навремено беше формиран Оперативен штаб кој функционира уште од почетокот на протестите, но полицијата денеска не ја заврши работата“, рече Нухиу.

СУДСКИ ПОСТАПКИ САМО ЗА ДЕЛ ОД ТЕПАЧИТЕ

Во Извештајот на работната група на Министерството за внатрешни работи за настаните на 27 април се вели дека полицијата направила пропусти и прекршоци, кои се спротивни со Законот за полиција и дека полицијата потфрлила како последица на политичко влијание. Исто така, стои дека тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков на 27април во 17.59 часот на поранешниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу, му пратил смс порака „Состојбата е под контрола“.

Нухиу го предупредил Чавков дека состојбата во Собранието може да ескалира и не успеал да воспостави телефонска комуникација со него. Чавков во Извештајот е посочен како одговорен за настаните, бидејќи не реагирал и оставил да се случуваат нападите.

Управата за безбедност и контрарзузнавање до Оперативниот штаб на МВР не доставила проценка за безбедносната состојба, што влијаело на процесот на проценка на безбедноста и донесување одлуки. Соодветна проценка на безбедноста не направил ниту Оперативниот штаб и не бил активиран.

Секторот за внатрешни работи Скопје пак, не го користел видео надзорот на „Безбеден град“, вратата била отворена одвнатре, не се снимале разговорите преку радио-станиците, а исчезнале и два хард дискови со видеоматријали.

Извештајот кој има класифициран карактер, МВР го предаде на Основното јавно обвинителство, а направен е врз основа на разговори со 35 припадници на МВР, анализа на настанот, преглед на видео матријалите на телевизиите, службен видео материјал и од аудио разговорите од терта системот на МВР.

За пропусти во работата, Министерството суспендираше 23 полицајци, а против 45 поведе дисциплински мерки.

На 30. април, Основното јавно обвинителство објави дека за три дена  идентификувани се петнаесет лица инволвирани во нередите кои се случија во Собранието. По прибирање на релевантен доказен материјал, започната е  постапка поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело – учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие.

За 14. лица ОЈО предложи до судија на претходна постапка да им биде определена мерка притвор. За едно лице е предложено определување на мерки на претпазливост.

На 3. мај, Јавното обвинителство, за едно од лицата за кои МВР поднесе известување, оцени дека постои основано сомнение дека лицето сторило кривично дело учество во толпа и предизвикување општа опасност и одредена е  мерка притвор.

Три дена подоцна Обвинителство по две кривични пријави поднесени од Министерството за внатрешни работи против две лица за сторено кривично дело учество во толпа, за едно лице предложи до судија на претходна постапка мерки на претпазливост а за второто лице мерки на обезбедување.

На 8. мај Основното јавно обвинителство поднесе Обвинителен предлог против девет лица учесници во нередите во Собранието. Осомничените се товарат дека сториле кривично дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие.

На 10. мај беа идентификувани две лица инволвирани во нападот на пратеникот Зијадин Села, за кои постои основно сомнение дека го извршиле кривичното дело обид за убиство и побара мерка притвор.

На 23. мај деветте обвинети за кривичното дело учество во толпа која ќе спречи службено лице во извршување на службена должнст, на судење добија условни казни, откако се изјаснија за виновни.

На 3. август, Обвинителствотото до Основниот суд 1 Скопје достави Обвинителен акт за лицето кое ја нападна тогашната пратеничка сега министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Според обвинението, лицето се товари дека за време на настаните во Законодавниот дом извршило грубо насилство, повлекувајќи за коса пратеничка, по што таа се здобила со повреди на главата.

Првото рочише се одржа на 19 септември, но се откажа бидејќи адвокатот доделен по службена должност побара време правно да го советува. На 6. октомври се одржа второто рочиште на кое обвинетиот Панче Ангелов, ја призна вината.

„Признавам во целост дека сум виновен. Се извинувам на оштетената и на целата јавност за грозоморното дело што го направив. Не ми беше целта да ја повредам, сакав да ја тргнам настрана, но можеби употребив повеќе сила. Искрено се каам за стореното дело и се надевам дека судот ќе има разбирање за мене и ќе ми одреди поблага казна, бидејќи живеам сам и ако одам во затвор нема кој да ми помага“, рече обвинетиот во своето завршно обраќање пред Судот.

Минатата недела на Ангелов Судот му одреди казна затвор од 4 години. За кривичното дело Насилство казната е од 3 до 10 години затвор.

На 21 септември беше уапсен и притворен Игор Југ, за кого постои основно сомневање дека преземал дејства како водач на толпа во врска со случувањата во Собранието на 27април.

Денеска по налог на Основното јавно обвинителство уапсени се уште пет лица за обид на убиство на пратеникот Зијадин Села. МВР објави и фотографии од 3 лица учесници во крвавите настани од 27 април и побара помош од граѓаните за нивно идентификување.

Шест месеци по крвавиот четврток, нема обвинение ниту за еден од организаторите на протестите од „За заедничка Македонија“ Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски.

Нема обвиненија ниту за пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски и Сашо Василевски кои ги отворија вратите на Собранието и ја насочуваа толпата каде да ги најдат пратениците на СДСМ, ДУИ и Алијансата на Албанците. Одговорност нема и за тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.

Пратениците кои ги отворија вратите на Собранието и дозволија толпата да влезе, Крсто Мукоски и Сашо Василевски се уште се пратеници во Собранието, Јохан Тарчуловски е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Кисела Вода и ќе се бори за градоначалничката функција во вториот круг на локалнтеи избори на 29 октомври. Поранешниот директорот  на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, по настаните замина во пензија.

ШТО ПРЕТХОДЕШЕ НА КРВАВИОТ 27 АПРИЛ

Во една зовриена атмосфера која започна кон крајот на минатата година, по изборите одржани на 11 декември, главното прашање беше дали  ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на власт со коалициониот партнер од Албанскиот блок – ДУИ, или пак дали воопшто ќе дозволи СДСМ да формира влада на чело со Зоран Заев, кој беше објавувачот на нелегалните телефонски разговори.

Откако пропаднаа обидите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да формираат парламентарно владејачко мнозинство а со тоа и влада, лидерот на партијата, Никола Груевски, во интервју на една од најгледаните телевизии во Македонија, Сител, го повика народот „да не седи дома по влечки и да чека друг да му ја заврши работата“.

Додека траеа преговорите помеѓу СДСМ и ДУИ, Груевски на 27.02.2017 изјави:

„Сакам да им порачам на сите граѓани, дека ако сметаат и ако планираат со седење дома во влечки и гледање телевизија, дека некој друг ќе им ја одбрани државата, длабоко се во заблуда. Државата може во ваква ситуација да ја одбрани само народот. Тоа може да се покаже на дело и да покаже поинакво однесување и да покаже дека има капацитет и волја и моќ, да ја брани својата држава.

Јас верувам дека народот ќе дејствува и нема да се согласи со она што му се подготвува. Политичарите, они кои што се борат и бранат, нема да можат сами…само народот е тој кој може да се вмеша и да ја заврши работата во однос на одбраната“, што понатаму станува пракса во секоја негова наредна изјава.

Наредниот месец, тој се појавува на уште една телевизија која  ја поддржуваше политиката на Груевски, Канал 5, каде повтори во една остра реторика дека „никој не знае како ќе реагира народот“.

„Што народот ќе прави, тоа никој не може да го превиди. Народот е над политичарите и нека му ја мислат тие политичари што одат против народот. Тој што оди против волјата на народот и ги руши неговите интереси, реализирајќи интереси на друга држава, на други сили, тој нека му ја мисли што може да го снајде од народот.

Државата е нападната, ВМРО има само 51 пратеник…и не можеме да го одбраниме сами Парламентот. Потребно е народот да си ја одбрани својата држава….државата може да ја снема ако се остави на овој човек и на неговите сценаристи да го истераат својот план“.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира остро, а треба да се очекува и народот да го направи тоа според она што можеме да го видиме. Да не мисли (мисли на Зоран Заев, наша заб.) дека тоа ќе помине туку така и дека народот ќе остане со скрстени раце“, порача Груевски.

Одговорност побараа сите политички партии како и чинителите од меѓународната заедница, но случувањата на 27 април засега „лебдат во воздух“.

Текстот го изработија новинарите Влатко Чаловски, Александра Денковска и Ана Антевска

Истражувањето е направено во рамкитена проектот „Кризно известување во Југоисточна Европа“ Мрежа за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (SEENPM), а финансиски е подржан од Националниот Фонд за демократија (NED). За содржината на истражувањето одговорен е авторот.

 

27.април МВР насилници пратеници Собрание
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Чудо што го изненади светот – жена на 76 години за првпат стана мајка

August 4, 2025

Гром удри во фудбалери – 11 играчи повредени

August 3, 2025

Постапките на Трамп убиваат, а љубовта спасува животи“, кажаа на Парадата на гордоста во Амстердам

August 3, 2025

Потврдена е првостепената пресуда против претседателот на Република Српска

August 1, 2025

Германија ќе испорача два системи „Патриот“ на Украина како дел од договорот со САД

August 1, 2025
ФОКУС

Хамас објави нови снимки од израелскиот заложник Ром Браславски како се грчи од глад: На работ сум на смртта

ВЕСТИ August 4, 2025

 Драматичните моменти низ кои минува израелскиот заложник Ром Браславски во Газа се забележани во нов…

Куманово: Национализам на трибините на кои седеа и Мицкоски, Toшковски, Стоиљковиќ, Димитриески

August 4, 2025

Кијив: Повеќе од 400 напади, гранатирање на 10 населени места во Запорожје – тројца убиени

August 4, 2025

Нови пожари над Богомила, кај Ваксинце, Дречевица и Грешница

August 4, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.