Унгарскиот премиер Виктор Орбан, зборувајќи за мигрантската криза, рече дека Источна и Централна Европа се последната слободна зона за мигрантите и дека Унгарија, Полска и Чешка заедно можат да кажат „стоп“ на глобализацијата и масовната миграција.
„Никогаш не треба да ја потцениме моќта на темната страна“, изјави Орбан, цитирајќи го култниот филм Стар Ворс, мислејќи на „режијата на оние кои стојат зад мигрантската инвазија“.
Во говор во Будимпешта, вчера, Орбан рече дека ЕУ и некои од клучните земји-членки биле заложници на финансиска империја оркестрирана преку инвазија на мигранти.
„Овој план е развиен за да ја направи Европа мешан континент“, рече Орбан за време на церемонија во Унгарија, и ја пофали својата земја, како и Полска и Чешка дека застанале против тоа и дека заедно можат да се спротистават на масовната миграција.
Тој отиде до таму што обвини дека крајната цел на миграцијата била да се смени националниот и верскиот идентитет на Европа.
Според аналитичарите на неговиот говор, кога зборувал за „финансиската империја“, Орбан всушност мислел на Џорџ Сорос, американскиот милијардер, кој во неколку наврати го има обвинето дека сакал да креира мешана и исламизирана Европа, а дека ЕУ паднала под негово влијание.
Унгарија веќе е во кавга со ЕУ околу квотите за релокација на мигранти. Се започна во 2015 година, кога ЕУ побара од земјите членки да земат во своите земји мигранти од Грција и Италија во период од две години.
Од 160.000 мигранти, проценките се дека само 27.000 се релоцирани.