Осуммина активисти за човекови права на кои им се суди за наводна терористичка поврзаност со неуспешниот воен удар во Турција во јули 2016 година, ноќеска се пуштени од притвор на условна слобода, јавија агенциите.
Меѓу обвинетите се и директорката на турскиот огранок на организацијата Амнести Интернешенал, Идил Есер, германскиот државјанин Петер Франк Штојднер и шведскиот државјанин Али Гарави.
Во истиот случај обвинети се и двајца активисти кои не беа во притвор.
Сите обвинети ги негираат обвиненијата. Доколку бидат осудени, им се заканува казна затвор од 15 години.
Следното рочиште е закажано за 22 ноември.
Судот во Истанбул побара во притвор да остане Танер Килинч, претседателот на Амнести во Турција обвинет и во друга постапка.
Тој се товари за припадност на вооружена терористичка организација, а останатите се задржани за помагање на вооружена терористичка организација.