Случајот „Диво насеље“ ќе се најде на маса меѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ, објави ТВ24, според која се очекува Али Ахмети да го извести Зоран Заев за иницијативата за формирање на анкетна собраниска комисија за случајот.
Генералниот секретар на СДСМ за оваа Телевизија најавува дека ќе ја поддржат иницијативата.
Поддршка за формирање на анкетна комисија за случајот најавија и од Алијансата за Албанците, бидејќи според лидерот на партијата, Зијадин Села, на тој начин ќе се отстранат дилемите во јавноста.
Само од ВМРО- ДПМНЕ и БЕСА одбиваат да ја коментираат иницијативата на ДУИ. Од БЕСА велат дека истата комисија ќе треба да ја истражи вмешаноста во случајот на Ахмети и неговите соработници.
Повикувајќи се на висок партиски функционер на ДУИ, ТВ24 објавува дека идејата за анкетна комисија доаѓа по повеќе консултации со дел од правните експерти, кои толкувале дека во моментов нема правна издржаност за меѓународна истрага во оваа фаза од судскиот процес.
Министерот за правда Билен Салији, вчера изјави дека ќе бидат вклучени меѓународни експерти за сите случаи кои до крај не се расчистени, а претходно меѓународна истрага за Диво насеље најави министерот за внатрешни, Оливер Спасовски.