Директорот на ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје, Стевчо Соколовски денеска поднесе оставка.
Во соопштението од Министерството за труд и социјална политика се наведува дека оставката е од морални причини, но дека со тоа не запира испитувањето на случајот.
-Комисијата веќе утврди дека стручните служби и назначениот старател во неколку наврати ги алармирале надлежните институции за можна сексуална експлоатација на Р.И. Сега се истражуваат сите останати елементи за можно непостапување од страна на претходниот назначен старател на детето. Очекуваме МВР и ОЈО да преземат мерки согласно со нивната надлежност, со цел да се пронајдат и санкционираат лицата коишто ја злоупотребувале малолетната жртва, се вели во соопштението.
Од Министерството велат дека случајот на Р.И. ги покажал аномалиите на како што велат „разрушениот систем на социјална заштита, особено кога станува збор за деца во специфичен ризик“.
Исто така нагласуваат дека во насока на подобра координација меѓу сите институции и воспоставување систем кој вистински ќе ги заштити децата од социјален ризик, Министерството за труд и социјална интензивно работи на процесот на деинституционализација.
Најавуваат дека до средината на оваа година, ќе започне трансформацијата на установите за згрижување деца во мрежа на мали групни домови, што пак ќе овозможи индивидуален пристап кон секое дете, подобра грижа и значително намалување на ризикот од вакви несакани настани.
Како што објави НОВАТВ вчера, Европскиот центар за права на Ромите уште на 1 август лани доставиле кривична пријава до Основното јавно обвинителство, со која барале да се утврди одговорност од домот, старателот на девојчето, но и кривично да се гонат одговорните за сексуалното изживување врз детето.
Сенада Сали од ЕЦПР за Нова ТВ, вели дека обвинителот и рекол дека била дадена наредба до надлежен инспектор од МВР да изврши истражување во Домот за деца. Но , тука завршило се.
Поради игнорантскиот однос на јавното обвинителство, ЕЦПР доставиле и приватна тужба до судот со која бараат исто така да се утврди одговорност од домот, старателот и силувачите. Тужбата е поднесена на 17 јануари, а како баратели се потпишани родителите на девојчето.
За кошмарот што го доживело девојчето, биле информирани и во Центарот за социјални работи од каде била побарана помош за покренување на кривичната пријава. Но, од таму одговориле дека не утврдиле никаква одговорност во Домот „25 мај“.