ЕУ размислува да воведе 25 проценти данок на американскиот увоз од 3,5 милијарди американски долари, доколку смериканскиот претседател Доналд Трамп го исполни својот план да воведе царина за увоз на челик и алуминиум, објави Ројтерс, цитирајќи извори од ЕУ.
Светската трговска организација ги предупреди САД да не започнуваат трговска војна, на што Трамп преку Твитер одговори дека САД “немаат избор”.
Европската комисија на својот состанок следната среда конкретно ќе разговара за можни реципрочни мерки.
Вчера Трамп објави воведување дополнителни увозни давачки во износ од 25 проценти за челикот и 10 проценти за алуминиум, за да помогне во закрепнување на домашната индустрија и прекинувањето на како што рече “неправедната трговија и лошата политика со земји од целиот свет”.
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, објави дека ЕУ нема друг избор освен да одговори ако САД го финализираат планот.
-Ние ќе одговориме на “не фер” обврските на САД, смета тој. “Ако Американците воведуваат давачки на челик и алуминиум , ние мораме да ги третираме американските производи на ист начин”, изјави Јункер.
Американскиот претседател, пак, после ова, само ја засили својата вербална војна и се закани ќе воведе данок за увоз на автомобили од Европската унија, објави Би-Би-Си.
Трамп изјави дека другите земји ги користиле САД долго време поради нивните многу глупави трговски договори.
-Ако ЕУ сака понатаму да ги зголеми своите веќе масивни тарифи и бариери за американските компании кои имаат бизниси таму, едноставно ќе примениме данок на нивните автомобили кој слободно ќе се прелива во САД, Трамп напиша на Твитер.
Трговската криза почна во четвртокот, кога Трамп вети дека ќе наметне големи давачки за увоз на челик и алуминиум. Тоа го осудија трговските партнери, а стигнаа и критики од ММФ и СТО.