Одбраната на обвинетите во случајот „Монструм“ нема да бара премиерот Зоран Заев да биде повикан за сведок во судскиот процес за петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012 година.
Адвокатот Насер Рауфи за Телма вели дека немаат намера да го повикаат премиерот да сведочи, бидејќи веруваат дека Заев ги предал сите снимки на Специјалното јавно обвинителство.

„Со оглед дека не е спорна надлежноста, нема врз основа на кои околности да биде распрашан, а снимките ќе можат да се слушнат и во судница“, вели Рауфи.
Од Специјалното јавно обвинителство засега не откриваат дали Заев ќе биде додаден на листата на сведоци кои ќе бидат повикани во судница.
Инаку, право да повика сведок во случајов има и судијата, бидејќи овој предмет се суди по стариот Закон за кривична постапка.
Утре пак, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева треба да се појави во Собранието, каде пред Комисијата за политички системи ќе го презентира последниот петти шестмесечен извештај за работата на СЈО, што беше објавен на 15 март. Не се исклучува можноста дека на седницата тема на интерес ќе биде и случајот „Монструм“ со оглед на тоа што опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката СДСМ деновиве меѓусебно се обвинуваат на оваа тема.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека сите прислушувани разговори се доставени до СЈО, вклучувајќи ги и оние кои се однесувале на „Монструм“.
Сите прислушувани разговори и оние за „Монструм“ се предадени на СЈО
Неделава на рочиште за случајот, еден од родителите на убиените момчиња побара премиерот да биде стражарно спороведен, за да ги достави сите материјали кои ги поседува за овој случај и да се изврши претрес во просториите на СДСМ, за да се провери дали има други прислушувани разговори.
Заев вчера одговори дека доколку биде повикан за сведок, ќе ја прифати поканата и кажа дека на дел од родителите на убиените деца им покажал транскрипти од разговори кои биле поврзани со дел од обвинетите.
Рочиштето за „Монструм“ неделава беше одложено откако еден од обвинетите Фејзи Азири не дојде на судење.
Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека СЈО ќе ги искористи сите човечки и технички ресурси за да се утврди вистината.
Обвинетиот Азири завчера беше вратен во затворот во Штип за издржување на затворската казна за друго дело- нелегално поседување оружје, откако Кривичниот суд ја одби молбата, да му биде продолжен прекинот на издржување на казната.
Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден. Во трагедијата животот го загубија Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.
За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.
СЈО го презеде „Монструм“ минатиот месец. Тогаш специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече дека очекува судскиот процес да продолжи во фаза во која е прекинат и дека се подготвени да го презентираат предметот пред Судот.