Шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска попладне во Виена ќе имаат средба со медијаторот на Обединетите нации за спорот со името, Метју Нимиц.
Средба во ваков формат беше одржана во Виена и на 30 март. Во меѓувреме Коѕијас и Димитров имаа билатерална средба на 12 април во Охрид.
Во пресрет на средбата, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан вчера изјави дека очекува прашањето за името меѓу Македонија и Грција да биде решено во наредните 15 дена.
– Јас сум оптимист дека во следните две недели ќе биде најдено решение за името или барем решение што ќе го отвори патот за почнување на пристапните преговори со ПЈРМ. Мислам дека сите се согласни оти тоа би било корисно за земјата и за целиот регион на Западен Балкан, рече Хан пред Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, објави ИБНА (Независната балканска новинска агенција).
Коментирајќи ја изјавата, премиерот Зоран Заев рече дека таа сепак е преоптимистичка, истакнувајќи дека ја знае агендата на разговороите денеска во Виена.
– Еврокомесарот Јоханес Хан е голем пријател на Македонија и дај Боже тој да има информација што за две недели би завршиле. Јас тоа го посакувам, но верувам дека не е можно затоа што утре имаме средба помеѓу двајцата министри за надворешни работи. Знам од прилика како ќе се разговара и до каде очекуваме да завршиме. Генерално тоа што јас го очекувам е да направиме максимални напори до одлуката на Советот на Европската унија затоа што сигурни сме дека ако имаме решение дотогаш, покрај тоа што заслужуваме, ќе добиеме дефинитивни и најсилни гаранции оти ќе добиеме датум за преговори, рече Заев.
Грчкото Министерство за надворешни работи преку соопштение реагираше на изјавата на еврокомесарот Хан повикувајќи го да престане да дава погрешна слика за преговорите.
– Го повикуваме комесарот Хан да престане да дава погрешна слика за преговорите кои, како што се покажува, не ги разбира. Најмалку што може да направи е да престане да ги поткопува, се вели во соопштението.
Грчки медиуми: Спорен опсегот на употребата
Како клучна и решавачка, грчките медиуми ја карактеризираат денешната средба во Виена.
Новинарите кај јужниот сосед, потсетуваат дека разликите остануваат непроменети, а тоа се грчкото барање за ерга омнес, односно име за севкупна употреба и уставна ревизија.
– Господата Коѕијас, Димитров и Нимиц ќе ги разгледаат сите прашања што се веќе договорени на досегашните одржани преговори и ќе ги одвојат темите „трнови“ што уште ги држат далеку Атина и Скопје. Како основен „трн“ се појавува опсегот на употреба на новото име, бидејќи Атина инсистира на име за севкупна употреба и за сите, додека пак ПЈРМ преферира „двојно име“, односно име за меѓународна употреба и задржување на уставното име за употреба во внатрешноста, објавува грчкото радио „Атина 984“, пренесе МИА.
– Сите чекори што требаше да ги направиме, ги направивме, рекол владин претставник за грчкиот информативен портал „Iefimerida“ и додал дека другата страна, односно Македонија, треба да ги направи останатите чекори.
Според порталот, грчката влада тврди дека не постојат временски ограничувања, а преговорите продолжуваат.
Весникот „Катимерини“, пак пишува дека според одредени информации, медијаторот Нимиц, особено по континуираните средби на Димитров и Коѕијас, оценува дека „нивото на преговори меѓу Атина и Скопје е понапредно од било кога до сега, нешто што во суштина ги олеснува предусловите за договор“.
Онлајн изданието на весникот „Прото тема“ коментира дека „не е мал бројот на оние од Западот“ што ја притискаат Грција и повикувајќи се на дипломатски извори пишува дека е постигнат договор за техничките прашања.
– Но, во суштина, се чини дека Скопје се појавува побескомпромисно во преговорите. За многумина, оваа разврска покажува дека во позадина, пријателите и партнерите на Грција во НАТО и ЕУ веројатно немаат намера да извршат притисоци кон Скопје за отстапки, туку ја притискаат грчката страна кон отстапка од „црвената линија“ за сложено име за севкупна употреба (ерга омнес) и од барањето на Грција да се отстранат сите иредентистички наводи од Уставот на Скопје, пишува „Прото тема“.
Изминатите денови, премиерот Заев повеќепати изјави дека очекува ЕУ во јуни да одреди датум за почеток на преговорите за пристапување, како и очекувања да добие покана за членство во НАТО, за што како услов е решение на спорот со Грција. И аналитичарите и експертите сметаат дека е тоа можно и реално изводливо.
Министрите Димитров и Коѕијас, како што веќе беше соопштено по нивната средба во Охрид, ќе се сретнат и на двете конференции во Грција, едната на 3 и 4 мај во Солун, другата една седмица подоцна во Сунио.