Триумф на Рома што ништо не значи или пораз на Ливерпул што не боли. „Волчицата“ славеше со 4:2 на „Олимпико“ во реваншот полуфиналниот дуел, но „црвените“ од „Енфилд“ се радуваат на ново европско финале поради победата во првиот меч со 5:2. На 26 мај на Олимпискиот стадион во Киев ќе играат против Реал Мадрид за трофејот во Лигата на шампиони.
Двоен стрелец за римјаните беше Раџа Најнголан. Белгискиот репрезентативец погоди во финишот, најпрво во 85. минута за прво водство на римјаните во мечот (3:2), а потоа и во третата минута од судиското екстра време за 4:2, но време за петти гол на тимот на Еузебио ди Франческо немаше. Веднаш по најстрогата казна за домашните, судијата Дамир Скомина означи крај. Другите два гола за калчолигашот беа дела на Милнер (автогол) во 15. минута и на Един Џеко во 52. минута. Двата за тимот на Јирген Клоп ги потпишаа Садио Мане во 9. минута и Жоржињо Вијналдум во 25. минута.
https://www.youtube.com/watch?v=vp8GIfY4C2w
Рома беше на прагот на нова сензација по онаа против Барселона во четврт-финалето. Во 63. минута домашните беа оштетени за очигледен пенал со кој натпреварот ќе добиеше поинаков тек. Играта со рака на Александар Арнолд по ударот на Ел Шарави не беше санкционирана од Скомина и асистентите со најстрога казна, а изостана и жолт картон за десниот страничен дефанзивец на Ливерпул.
Реал Мадрид, пак, синоќа на „Бернабеу“ одигра 2:2 против Баерн Минхен и со вкупни 4:3 излезе како победник во двомечот со Баварците.
Лига на шампиони
Полуфинале, реванши
Рома – Ливерпул 4:2 (2:5)
Реал Мадрид – Баерн Минхен 2:2 (2:1)
Во заграда се резултати од првите средби