Португалија и Шпанија го одиграа најефикасниот меч на Светското фудбалско првенство. Пиринејските соседи ремизираа (3:3) на „Фишт“ стадионот во олимписко Сочи за комплетирање на воведната рунда во групата Б.
Хет-трик во првото дерби на мундијалот забележа Кристијано Роналдо. Ѕвездата на Реал Мадрид ја отвори голеадата уште во четвртата минута со удар од белата точка што самиот го изнуди. Диего Коста возврати во 24. минута, но актуелниот европски првак, сепак, успеа со гол предност да замине на одмор по заслуга на Роналдо кој во 44. минута по вторпат се впиша во листата на стрелци.
https://www.youtube.com/watch?v=XQU_-epJPqE
Продолжението донесе поинаква слика што можеше да заврши до дијаметрално спротивен расплет. „Фуријата“ за само три минути успеа до пресврт со погодоците на Коста во 55. минута и Начо во 58. минута ставајќи ги „европските Бразилци“ во позиција да се вадат до крајот. Бод спасија во финишот, поточно, во 88. минута за што повторно ловориките ги собра Роналдо со прекрасниот гол од слободен удар пришто Де Хеа беше само гледач повеќе на стадионот.
Португалија има причина за задоволство, но има и Кристијано Роналдо. Репрезентацијата успеа да избегне пораз, а нејзиниот капитен, покрај 51. хет-трик во кариерата, се впиша и во историјата на Светските првенства. Португалската „седумка“ стана само четвртиот играч што тресел мрежи на четири завршни турнири во низа што досега им успеало на Уве Зелер, Пеле и Мирослав Клосе.
Португалија – Шпанија 3:3 (2:1)
Стадион: „Фишт“ во Сочи. Гледачи: 43.866. Гл. судија: Џанлука Роки. Асистенти: Еленито ди Либераторе и Мауро Тонолини (сите тројца од Италија). Ж. картони: Фернандес (Португалија); Серхио (Шпанија). Стрелци: Роналдо 4’ (п), 44’, 88’ за Португалија; Диего Коста 24’, 55’, Начио 58’ за Шпанија.
Портуалија (формација 4-2-3-1): Руи Патрисио – Седрик, Пепе, Рафаел, Фонте – Вилијам, Мутињо – Бернардо (Кварежма 69’), Гуедес (Андре Силва 80’), Фернандес (Марио 68’) – Роналдо. Селектор: Фернандо Сантош.
Шпанија (формација 4-2-3-1): Де Хеа – Жорди Алба, Пепе, Рамос, Начо – Коке, Серхио – Иниеста (Алкантара 70’), Иско, Силва (Лукас 86’) – Коста (Аспас 77’). Селектор: Фернандо Јеро.