Хрватска е втора репрезентација што се пласира во четврт-финале на Светското фудбалско првенство по подобро изведување на пенали. „Коцкестите“ во осминафиналето ја премостија Данска преку пенал рулет и се најавија како ривали на Русија во топ 8 фаза во сабота на стадионот „Фишт“ во Сочи. Најзаслужен лик за хрватскиот прогрес на мундијалот беше голманот Даниел Субашиќ кој ги прочита и Кристијан Ериксен, и Ласде Шене и Николај Јоргенсен од белата точка. Андреј Крамариќ, Лука Модриќ и Иван Ракитиќ погодија за „бронзената“ селекција од 1998 година, Каспер Шмајхел ги одбрани ударите на Милан Бадељ и Јосип Пивариќ.

Осминафиналниот дуел меѓу Хрватска и Данска донесе возбудувања само во воведниот дел. Матијас Јоргенсен ги фати Хрватите на спиење и уште во првата минута обезбеди водство за Данска. Три минути подоцна „коцкестите“ израмнија преку Марио Манџукиќ и се што се случуваше до крајот не беше вредно за одбележување.
Но, затоа имаше во завршницата на второто продолжение. Приспивната на стадионот во Нижни Новгород ја прекина хрватска контра во 116 минута. Модриќ аситира до Ребиќ врз кого, пред задавање на завршниот удар, стартуваше Матијас Јоргенсен што за главниот судија беше доволна причина да покаже на белата точка. Одговорноста ја презеде фудбалерот на Реал Мадрид, но зицер ситуација не успеа да ја претвори во гол за четврт-финале (Шмајхел фати „жива“ топка).
Мечот кулминира со серија пенали во која Даниел Субашиќ се издигна во јунак на хрватската репрезентација.
Хрватска – Данска 1:1 (на пенали 2:1)
Стадион во Нижни Новгород. Гледачи: Гл. судија: Нестор Питана. Асистенти: Ернан Маидана и Хуан Пабло Белати (сите тројца од Аргентина). Ж. картони: М. Јоргенсен (Данска). Стрелци: Манџукиќ 4′ за Хрватска; М. Јоргенсен 1′ за Данска.
Хрватска (формација 4-2-3-1): Субашиќ – Стриниќ (Пивариќ 81′), Вида, Ловрен, Врсаљко – Брозовиќ (Ковачиќ 71′), Ракитиќ – Перишиќ (Крамариќ 97′), Модриќ, Ребиќ – Манџукиќ (Бадељ 108′). Селектор: Златко Далиќ.
Данска (формација 4-3-3): Шмајхел – Далсгард, М. Јоргенсен, Кјаер, Кнудсен – Ериксен, Дилејни (Крон Дели 98′), Кристенсен (Шене 46′) – Брејвајт (Систо 106′), Поулсен, Корнелиус (Н. Јоргенсен 66′). Селектор: Аге Хареиде.