Вардар ги заврши настапите во квалификациите за Лига Европа уште во прво коло. „Црвено-црните“ и во реваншот загубија од Пјуник со 0:2 и со вкупни 0:3 се простија од меѓународната сцена на која во 2017 година беа присутни до декември.
Двоен стрелец за ерменскиот состав на „Телеком арена“ беше Бакар Балде во 85. минута и во 88. минута. Конечниот исход на натпреварот што значи и елиминација наиде на револт кај навивачите кои во финишот на средбата скандираа „Управа оди си“.
Вардар е третата македонска екипа која не успева да добие двомеч со Пјуник во европските фудбалски купови. Ерменскиот претставник во минатото беше подобра од Победа во квалификациите за Лигата на шампиони и од Тетекс во квалификациите за Лига Европа.
Македонија останува со само еден претставник во Европа во ова лето. Чест останува да брани првакот Шкендија кој веќе во вторник во Скопје го игра првиот меч со молдавски Шериф Тираспол, откако вечерва Вардар, а во вторникот Шкупи и Работнички беа елиминирани од Глазгов Ренџерс, односно, Хонвед.