Вардар барем на 24 часа ќе биде лидер во фудбалскиот шампионат на Македонија по триумфот во дербито со Работнички со 2:0 во воведниот меч од шестата рунда. Тигран Барсегјан погоди во 29. минута, а Владица Брдаревски во 63. минута за четврта победа на „црвено-црните“ во сезоната.
Единственото вредно за одбележување од дебармаалци во мачниот за око натпревар се случи во 90. минута во која Петар Петковски ја погоди пречката. Сето останато од нив, но и од вардарци на арената „Филип Втори“, освен двата гола, е за заборав.
Останатите четири меча се закажани за утре од 15.30 часот. Шампионот Шкендија ќе гостува кај Силекс, Академија Пандев кај Победа, Ренова ќе игра во Тетово против Беласица, а на Шкупи на Чаир ја дочекува Македонија Ѓорче Петров.
Прва лига, 6 коло
Работнички – Вардар 0:2
Силекс – Шкендија (градски стадион во Кратово, недела, 15.30 ч.)
Победа – Академија Пандев (стадион „Под Тумбе кафе“ во Битола, недела, 15.30 ч.)
Ренова – Беласица (градски стадион во Тетово, недела, 15.30 ч.)
Шкупи – Македонија Ѓорче Петров (стадион „Чаир“, недела, 15.30 ч.)