Благоја Василевски, кој му беше телохранител на екс премиерот Груевски и кој беше со него во Виена на 27 април 2017, денеска сведочеше во Судот.
Тој му е брат на обвинетиот Александар Василевски Нинџа и беше повикан како сведок.
Благоја Василевски рече дека се слушнал со брат му Нинџа попладнето на 27 април, но дека разговарале за мајка им која била болна.
На прашањето, дали разговарале и за други работи, Василевски одговори: ,,За вообичаени работи“.
Според обвинението за 27 април, настаните тој ден започнале по повик од Виена преку телефон во сопственост на владината служба за општи и заеднички работи до Нинџа, по што тој почнал да го организира упадот.
За братот на Василевски немаше други прашања.
Освен неговиот брат и другите сведоци кои ги повика Нинџа меѓу кои и неговиот кум, ја потврдија неговата верзија за настаните од 27 април – дека бил во ресторанот „Дион“, но и дека не давал пари да се купат фантомки.
Кумот потврди и дека го однел Нинџа во штабот на ВМРО ДПМНЕ. Како што сведочеше Василевски Нинџа сите директиви за 27 април доаѓале од штабот во ВМРО ДПМНЕ.
-Раководството на ВМРО и наУБК ги изманипулира обвинетите, повтори неколкупати Василевски.
И адвокатот на Нинџа, Звонко Давидовиќ, по претпладневното сведочење рече дека по одбраната на неговиот клиент станува јасно дека ланецот на командување на МВР на 27 април бил преземен од партиски луѓе.
-МВР останала обезглавена и наместо полициски структури, командувањето на МВР се префрлило на партискиот врв, кој ја презел командата за да заштитат свои интереси, рече Давидовиќ.
Нинџа: Наредбите доаѓаа од штабот на ВМРО ДПМНЕ
Нинџа во сведочењето рече дека дека сите насоки за 27 април доаѓале од штабот на ВМРО ДПМНЕ.
Тој на 27 април влегол во штабот на ВМРО ДПМНЕ околу 18 и 10 како што рече таму бил ,,командно оперативниот штаб“, на ВМРО ДПМНЕ односно Бришкоска, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски и Митко Чавков кој тогаш е директор на Бирото за јавна безбедност. Тие гледале директен пренос од протестите и како се доближувала толпата кон Собранието, давале насоки.
Бришкоска разговарала со Вељаноски и рекла дека ,,пратениците не си ја завршиле работата и не предизвикале инцидент“. Спиро Ристовски разговарал со водачот на протестите Богдан Илиевски Бетмен, Јанакиески со пратениците во Собранието, а Кирил Божиновски контактирал со општинските комитети на ВМРО ДПМНЕ и г повикувал веднаш да дојдат во Скопје, сведочеше Нинџа.
Тој исто така тврдеше дека програмата за протестите што ги организираше „За заедничка Македонија“ е правеле во штабот на ВМРО ДПМНЕ, а исто така и дека таму ги видел неговите водачи Владо Јовановски, Богдан Илиевски и Борис Дамовски, како излегувале од канцеларија на Кирил Божиновски кого, според Нинџа, го викале,,благајник“.
На прашање на обвинителката Вилма Рускоска, дали ова значи дека водачите земале пари од ВМРО ДПМНЕ затоа што Божиновски беше благајник на партијата, Нинџа кажа дека од Никола Бошковски му било речено дека ,,се исплатувани“.
На прашање на адвокатот на Борис Дамовски дали вистинските водачи на протестите „За заедничка Македонија“, биле Спиро Ристески и Кирил Божиновски, Нинџа одговори потврдно.
Хард дисковите од Собрание биле уништени и фрлени во Вардар
Според сведочењето на Нинџа тогашниот шефот на УБК Владимир Атанасовски дал наредба да се уништат хард дисковитеод Собранието, рече во денешното сведочење Александар Василевски Нинџа за настаните од 27 април.
Тој кажа дека бил сведок на телефонски разговор во една база на УБК, меѓу Никола Бошковски, тогашен шеф на тајната полиција со директорот на УБК Атанасовски.
По ова Сашо Марковски исто така вработен во УБК, во базата на УБК, ги ставил на преса и ги исекол со ножици. Кога заминале од базата, Василевски бил со Никола Бошковски во близина на населбата Ќерамидница, Бошковски го паркирал возилото и во Вардар ги фрлил ќесите во кои биле искршените парчиња од хард дисковите. Бошковски му рекол на Василевски дека хард дисковите ги одзел Сашо Марковски и користел хируршки ракавици. Василевски рече дека добивал закани од Горан Грујевски да не се предава.
На почетокот од својата одбрана денеска, Нинџа рече дека бил тајно вработен во УБК во одделот за оперативна техника и прикриени операции односно во Петтата управа. Тој рече дека освен Нинџа имал и друг прекар ,,Самурај“ и овој прекар му го дал началникот на Петтата управа Горан Грујевски во 2015 година. Грујевски го ангажирал на почетокот на 2015. кога тогашниот лидер на опозицијата почнал да ги објавува бомбите. „Самурај“ имал задача да ги следи луѓето што ќе му ги посочел Грујевски и лично нему да му реферерира. Василевски имал легитимација од УБК, пиштол марка „магнум“ и радио станица на која можел да ја слуша целата комуникација на сите полицајци низ Македонија, вклучувајќи го и Скопје.